За време на неговата дводневна посета на регионот, Блинкен планира да се состане со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас
Со посета на Израел, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, ја почнува својата турнеја на Блискиот исток каде што ќе се обиде да го зајакне примирјето постигнато со палестински Хамас и да ја забрза испораката на хуманитарна помош до Палестинците.
Израелските власти соопштија дека дозволиле гориво, лекови и храна наменета за приватниот сектор во Газа да бидат испорачани во палестинската област, првпат од почетокот на конфликтот.
Блинкен, исто така, ќе ја посети Рамала на окупираниот Западен Брег, Каиро и Аман и, како што посочуваат од Стејт департментот, приоритет ќе биде да се одржи примирјето и да се достави помош до луѓето во неволја.
За време на неговата дводневна посета на регионот, Блинкен планира да се состане со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Израел и Хамас го договорија примирјето на 20 мај откако конфликтот траеше 11 дена.
Одлуката следуваше по засилениот меѓународен притисок за прекин на огнот, за што притискаа и САД. Еден ден пред договореното примирје, Белата куќа вчера дека американскиот претседател Џо Бајден го замолил израелскиот премиер веднаш да ги деескалира тензиите во конфликтот со Газа, со интенција да се оди кон прекин на огнот.
Тоа беше најжестокиот конфликт во појасот Газа по оној од 2014, кој траеше 50 дена. Започна откако Хамас истрела ракети во правец кон Ерусалим по неколкунеделните судири помеѓу палестинските демонстранти и израелската полиција пред џамијата „Ал Акса“ во Ерусалим и заканите од израелска страна дека ќе бидат иселени палестински семејства од арапски кварт во источниот дел од градот.
Во конфликтот, според информациите од палестинските здравствени служби, имало 228 смртни случаи од израелските бомбардирања врз Појасот Газа, додека израелските власти соопштија за 12 убиени лица на нивна страна во ракетните напад на Хамас.