Утре во 10 часот во Основниот кривичен суд во Скопје ќе се изрече пресудата за масовното нелегално прислушување и уништувањето на опремата од УБК во предметот „Таргет-Тврдина“, а попладне, пак, пред судската зграда ќе се одржи протест за пресудата за „Монструм“ изречена пред два дена.
Протестите ги најавија роднините на првостепено осудените, веднаш откако судот изрече три доживотни казни затвор, две затворски казни од 9 и 15 години и една ослободителна пресуда.
„Дефинитивно ова не е сериозна држава ниту има сериозни институции. Тоа се покажа денеска. Дали слушнавте кои се организаторите на убиството? Кои се мотивите? Најавувам протести, не за да рушиме еден систем за да доведеме друг, туку за правниот систем да се регулира. Тоа не се случи, затоа бараме од политичките партии да се повлечат од оваа одлука и да протестираат заедно со нас“,
рече Бедри Ајдари, родина на еден од осудените кој беше дел од организацијата и на протестот што се одржа по завршните зборови на обвинителството во кои беа побарани најстрогите затворски казни.
На доживотен затвор за тероризам од првостепениот суд во вторникот беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири на 9, а Фејзи Азири на 15 години за помагање. Сами Љута доби ослободителна пресуда откако обвинителството се откажа од негово гонење поради немање докази за вмешаност во петкратното убиство.
Центарот на Скопје ќе биде блокиран за сообраќај
Според најавите, протестот ќе започне околу 13 часот во паркот „Чаир“, а ќе продолжи кон Основниот кривичен суд, од каде демонстрантите ќе маршираат кон Собранието, а ќе заврши пред Владата.
Од тие причини од МВР најавија дека од 13 часот за сообраќај ќе бидат затворени следните улици и булевари: „Христијан Тодоровски Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, „Крсте Мисирков“, „Гоце Делчев“, „11 Октомври“, „Васил Главинов“, „ВМРО“, „Илинденска“, како и околните сообраќајници.