Иако капацитетот беше ограничен на 30 %, македонските фудбалери имаа голема поддршка од своите фанови
Голот за нашата репрезентација го постигна Елиф Елмас во 55 минута, а гостите изедначија во последната минута од судиското надополнување преку Домен Чрнигој
Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје во пријателски натпревар одигра нерешено 1:1 со Словенија. Водечкиот гол за домаќините го постигна Елиф Елмас во 55. минута.

Гостите изедначија во последната минута од судиското надополнување преку Домен Чрнигој.
Ова е првиот од двата предвидени контролни дуела на „црвено-жолтите“ пред настапот на Европското првенство за десет дена.
Селекторот Игор Ангеловски натпреварот го почна во најсилен состав, а недостасуваше само Енис Барди кој е позитивен на коронавирус.
По повеќе од една година, на трибините на „Тодор Проески“ се вратија навивачите. Иако капацитетот беше ограничен на 30 %, македонските фудбалери имаа голема поддршка од своите фанови.
„Благодарност до навивачите за поддршката. Жалам што не успеавме со победа да прославиме. Во второто полувреме противникот до самиот крај не се ни доближи до нашиот гол. Ние требаше да дадеме уште еден гол и да го решиме победникот. Се обидов да им дадам можност на повеќе фудбалери. На крајот кога се ќе се собере, целта што беше за овој натпревар ја постигнавме. Очекувам до натпреварот со Австрија да ги искорегираме сите пропусти затоа што на Европското првенство ќе немаме право ниту на најмала грешка“,
изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски на прес-конференцијата по дуелот со Словенија.
Следниот натпревар, исто така контролен, македонските фудбалери ќе го имаат в петок (4 јуни) со Казахстан, исто така на „Тодор Проески“ во Скопје.