Од СДСМ го повикуваат лидерот на ВМРО ДПМНЕ да повлече државнички потег и да покаже дека му е важна европската иднина на земјата.
Потсетуваат дека се исполнети сите барања кои од него биле истакнати на лидерската средба со Ковачевски и го повикуваат да го оствари ветувањето дека ќе гласа за уставните измени
Социјалдемократите сметаат дека веќе се исполнети сите услови кои што ги побара претседателот на ВМРО ДПМНЕ за да гласа за уставните измени. Чекорот што го направи ДУИ со оставките на министрите за нив е сигнал за Мицкоски кој треба да го реализира јавно даденото ветувае.
„Сега, на потег е Христијан Мицкоски да докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или се грижи само за својата фотелја во Белиот дворец“,
истакна портпаролката на САДСМ, Богданка Кузеска.
Оттаму сметаат дека со претходно донесените одлуки на Централниот одбор на СДСМ, како и со последната одлука на ДУИ, практично се исполнети сите барања кои ги истакна челникот на ВМРО ДПМНЕ на лидеркаста средба со предводникот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Ставајќи го државниот пред партискиот интерес СДСМ и ДУИ покажуваат одговорност кон врвната стратешка цел, а тоа е европската иднина на земјата и сите наши граѓани. Уставните измени се влезени во собраниска процедура, јавно се објавени и откако нивната содржина е јавно достапна, никој, па вклучително и Мицкоски нема ништо против таквите измени“,
изјави Кузеска, повикувајќи го да даде поддршка за амандманската интервенција во Уставот.
На прес-конференцијата по последната средба Ковачевски-Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека негов предлог до премиерот бил да се формира заедничка влада, без ДУИ, која ќе го почне процесот и ќе ги изгласа уставните измени. Тие, како што рече Мицкоски би стапиле на сила откако во парламентите на земјите членки ќе почне ратификацијата на членство на Македонија во ЕУ.
Слична била и понудата на Ковачевски, со тоа што тој предложил да се формира влада во која 5 ресори ќе бидат на ВМРО-ДПМНЕ, да поминат уставните измени, да почне процесот на преговори, да се затворат некои поглавја, а таа влада потоа да оди на избори.
Единствената важна разлика меѓу двата предлога е времето на почеток на важање на уставните измени. Премиерот смета дека тие не може да стапат во сила откако ќе почне ратификацијата, бидејќи тоа е надвор од преговарачката рамка, донесена со консензус на 27-те земји членки на ЕУ. Неговата сугестија е тие да бидат дел од правниот поредок во моментот кога ќе биде одржана Втората меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија.