Црвенковска на денешната седница соопшти дека дава неотповиклива оставка, а потоа преку соопштение се пожали на медиумска хајка бидејќи, како што вели, нејзиниот избор за претседателка не одговарал на група од „судската бизнис-елита“
Откако денеска Павлина Црвенковска поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседателката на Судскиот совет, наредната недела ќе се избира нејзин наследник.
Од Советот попладнево соопштија дека за 5 декември (понеделник) е закажана нова седница на чиј дневен ред е констатирање на оставката на Црвенковска и избор на нов претседател.
Одлуката за својата оставка таа денеска ја соопшти јавно на седница по што излезе и ја напушти салата, а веднаш потоа до медиумите испрати и соопштение за причините за оставката.
Во соопштението таа се пожали дека веднаш по нејзиниот избор на функцијата започнала медиумска хајка со крајна цел да даде оставка затоа што нејзиниот избор за претседател не одговарал на група од „судската бизнис-елита“.
„До ден денешен хајката не престана преку пласирање лажни информации до новинари, а во континуитет се опструира и намерно се одолговлекуваа внатрешните процеси во Советот, кои се од клучно значење за успешно завршени задачи и за функционирањето на судството. Стана жално што наместо да се посветиме заеднички на активностите и реформите и да ја унапредиме состојбата во судството, некому стана поважно како да ме нападне и како да им наштети на проектите“,
наведе Црвенковска во соопштението.
Оставката на Црвенковска следува по последната седница на Судскиот совет кога се случил бунт од страна на седум члена избрани од редовите на судиите кои спречиле, како што објави порталот СДК.мк, да помине готов список за гласање за клучни места во Академијата за судии и обвинители.
По ова, Црвенковска во изјава за „360 степени“ реагираше дека на седница дошла со листа со имиња на предлози за одредени позиции во Академијата за судии и јавни обвинители, а не со некаков список како што тоа сакале да го прикажат некои членови на Судскиот совет.
Павлина Црвенковска беше изгласана за претседателка на Судскиот совет на 28 април 2021 година. Таа беше едногласно избрана и го наследи Киро Здравев, кому мандатот му заврши ден претходно.
За избор на претседател потребни се осум гласа, а за Црвенковска „за“ гласаа сите 12 члена на Судскиот совет што тогаш беа присутни на седницата.
За член на Судскиот совет, Собранието ја избра Црвенковска во декември 2020 година. Од 2006 до 2020 таа работеше како судски советник во скопска апелација. Претходно, беше советничка во кабинетот на Владо Бучковски додека тој беше премиер во владата на СДСМ и на ДУИ (2004-2006 година), а исто така била и раководителка на одделение во Министерството за одбрана додека Бучковски беше министер (2002 – 2004 година). Има искуство и како адвокатка и приправничка во Кривичниот суд.
Изборот на Црвенковска за претседателка на Советот беше прв согласно новиот Закон за судски совет кој стапи во сила во мај 2020, а според кој првиот човек на Судскиот совет се избира од редовите на членовите кои се избрани од Собранието.
Такви се пет од вкупно 15 члена: тројца од нив ги избира директно Собранието, а другите двајца, исто така, се избираат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата.
Осум членови, пак, се избираат на избори од редот на судиите.
Останатите двајца членови на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.
Фото: МИА