Не ни требаше американски глас за да го видиме тоа, порача пратеничката Силјановска-Давкова, според која резултатот од изборот на Абази бил невозможен
Министерот Тупанчески, пак, испрати порака дека кога се избира тоа говори и за изборот на јавниот обвинител, меѓутоа и за тие што го избрале јавниот обвинител
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, смета дека при последниот избор на шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), на кој победи обвинителот Ислам Абази, сме се соочиле со отоманско-византиски игри. Резултатот, вели таа, е невозможен и не ни требаше американски глас за да го видиме тоа.
Својата констатација таа ја даде на седница за пратенички прашања во реплика до министерот за правда Никола Тупанчески, кого претходно го праша како треба да се разреши оваа јавнообвинителска-правна трагедија.

„Ве прашав зошто ситуацијата навистина бара стратешки пристап, никој нема да ме разубеди дека не се соочивме со отоманско-византиски игри, просто невозможен е таков резултат од гласањето. Не требаше ние да чекаме американски глас за да го видиме тоа. Затоа велам дека можеби и решението од законот повторно треба да се разгледа и мислам дека сериозно јавнообвинителската фела треба да размисли за својот углед за да заслужи респект во распределбата на власта и да биде третирана како рамноправна“,
рече Силјановска-Давкова.
Таа претходно даде свои предлози како да се почне со решавање на проблемот со јавното обвинителство, при што наведе дека според неа е потребна оставка од првиот човек во обвинителството, републичкиот обвинител Љубомир Јовески или барање за негово разрешување од Владата, која е негов предлагач.

„Моите два предлози се, прво оставка од првиот односно сонцето во јавното обвинителство кое се затемни, второ, одговор може да биде и барање од предлагачот – Владата за разрешување на јавниот обвинител. Но прашањето, до министерот за правда е од стручен аспект. Имате ли вие трет предлог? Во програмата на СДСМ пишуваше дека предлагаат јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата. Компаративните искуства покажуваат дека мнозинството за јавните обвинители е повисоко заради двотретинското мнозинство да има обединувачка улога. Министре, јас не барам од вас да се мешате во правосудството, но ме интересира како мислите дека треба да се разреши оваа јавнообвинителска-правна трагедија?“,
рече Силјановска во прашањето до Тупанчески.
Тој, пак, рече дека ќе биде брутално искрен, по што рече дека не е неважно за него како министер за правда што се случува во неговиот дом ако се земе предвид дека во овој ресор влегуваат и судството и обвинителството, и нотарите, извршителите итн.
Министерот во одговорот потсети дека овој начин на избор на шеф на ОЈО ГОКК, е трет модел што се применува во поновата правна историја на државата. Првиот бил дека изборот го правен Собранието, вториот, кој требаше да важи за прогресивен, се однесуваше на тоа изборот на судии и обвинители да го прават Судскиот и обвинителскиот совет.

„Она што е трето, најнов модел, е предвидено со новиот Закон од 2020 година што беше консензуално усвоен од Собранието. Јас не бев министер, но бев дел од подготовката на законот, имаше и невладини организации, сметавме дека овие два претходни модели имаат потреба за корекција или објективизирање на критериумите за избор. Во таа насока се движевме да инкорпорираме модел кој би бил транспарентен и објективен и беше предвиден овој концепт-јавните обвинители да го избираат јавниот обвинител. Она што сакам да го потенцирам е дека кога се избира, тоа говори и за изборот на јавниот обвинител, меѓутоа и за тие што го избрале јавниот обвинител. До тука можам да си дозволам да коментирам, понатаму секој мој коментар би значело мешање во работата на институциите кои би требало да бидат независни, објективни и огледало на државата“,
одговори Тупанчески.
Изборот на шеф на ОЈО ГОКК, според новиот Закон за јавно обвинителство, се одржа на 7 ноември кога сите обвинители во државата гласаа на непосредни избори.

Ислам Абази, кој дотогаш беше шеф на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Гостивар, победи со 66 гласа или само два повеќе од скопскиот обвинител Ермон Незири. Претходната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, заврши како третопласирана со само 14 гласа, додека зад неа се пласираше Деса Пауновска од ВЈО Гостивар со 10 гласа.
Изборот на новиот шеф на ОЈО ГОКК на барањето на „360 степени“ за став за целиот процес и епилогот од него, остро го критикуваше новата амбасадорка на САД во земјава, Анџела Агелер, на што алудираше и Силјановска-Давкова во нејзиниот говор денеска во Собранието.
Јас напишав еден текст дека она што се случи со јавното обвинителство е обид за атентат врз божицата на правдата Јустиција, но дека преживеа, дека Јустиција пред да падне во несвест го тргна превезот и ги виде атендаторите. Како може да се реши проблемот со јавното обвинителство.
Ќе бидам брутално искрен. Не можам да кажам дека не е неважно за министерот за правда што се случува во неговиот дом, ако се земе формата влегуваат и судството и обвинителството и нотарите, извршителите итн.
За потсетување, во писмениот одговор од Агелер на нашите прашања, кој го објавивме во петокот (18 ноември) јасно се вели дека амбасадорката и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, патем, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.
„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ’мала врата‘ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“,
одговори амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, на прашањето на „360 степени“.
Речиси идентични прашања по повод изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК, „360 степени“ упати и до Амбасадата на Кралството Холандија и до Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Можеби не толку остро како амбасадорката на САД, но и од холандската дипломатска мисија во земјава јасно ставија до знаење дека немаат високо мислење за изборите на нов шеф на ОЈО за ГОКК и за епилогот. Меѓу редови, порачаа дека поради ветувањата за борба против корупцијата ја кренале рампата за старт на преговори со ЕУ и дека нивниот став во иднина ќе зависи од однесувањето на обвинителството на оваа тема.
Најмека реакција на нашите прашања имаше од Канцеларијата на ЕУ во земјава. Но, и тие во одговорот нагласија дека очекуваат новиот шеф на ОЈО ГОКК да работи „посветено и во дух на независност“ и дека борбата против корупцијата ќе биде под детален надзор на ЕУ.