По посетата на еврокомесарот Јоханес Хан планирана за 25 јули, во Скопје доаѓа и в.д. помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Неговите средби со државно-политичкиот врв на Северна Македонија се предвидени за 26 јули.
Двете посети коинцидираат со кризата поврзана со СЈО и најавата од Владата дека токму тие денови во Собранието ќе биде испратена новата верзија на предлог-законот за јавното обвинителство што денеска го презентира премиерот Зоран Заев. Се очекува претставниците на ЕУ и на САД да се фокусираат токму на ова прашање што се смета за последно отворено пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за одредување датум за пристапни преговори со С. Македонија.
Премиерот Заев денеска изјави дека има основа да верува оти во парламентот ќе се формира двотретинско мнозинство за донесување на законот, но од ВМРО ДПМНЕ се уште не соопштиле став за оваа верзија.