Првпат во последниве две недели во земјава се регистрирани помалку од 100 нови случаи на ковид-19 за едно деноноќие. Последен пат таков „резултат“ имаше на 22 јуни, кога за 24 часа беа евидентирани 90 нови болни од коронавирусот.
Анализата на податоците кои редовно ги објавува Министерството за здравство открива и дека денешните бројки се најдобри во последниот еден месец, односно дека последен пат помалку заболени за еден ден се регистрирани на 2 јуни.

За разлика од претходните денови, во последните 24 часа се направени и помалку тестови. Но, сепак, тоа не е главната причина за помалиот број нови случаи. Доколку се земе предвид процентот на позитивни од направени тестови, денешните бројки се подобри од претходниот период.
Откако повторно се „разгоре“ заразата во земјава, вообичаено беше процентот на позитивни тестови да се движи околу 15%, а во одредени денови да достигне и над 20% (секој петти тест да биде позитивен). Денеска, процентот на позитивни тестови е 8,7%, што е повторување на резултатот од 23 јуни.

Но, како што покажува и графиконот погоре, денешните, условно речено позитивни бројки, може да се само исклучок, а не правило. Дури откако неколку дена по ред би се добиле слични бројки, ќе може да се говори за јасен тренд на подобрување.
Од друга страна, генерално подобрување не мора да значи дека тоа ќе важи за територијата на целата земја. Како што покажа вчерашната анализа на „360 степени“, во некои подрачја состојбата рапидно се влоши во изминативе десет дена.