Во вкупно 13 подрачја на Центри за јавно здравје во Македонија има тренд на значително зголемување на бројот на болни од ковид-19 во последните десет дена. Според податоците на Институтот за јавно здравје кои ги анализираше „360 степени“, состојбата со бројот на активни случаи покажува тренд на подобрување во 6 подрачја
Дебар беше единствениот град во Македонија чии граѓани ја доживеаја судбината да бидат отсечени од остатокот од државата поради појавата на ковид-19 епидемијата. Забраната да се напушта градот на крај вроди и со плод и првото жариште на новиот коронавирус беше успешно „изгасено“.
Но, со денешните бројки, Дебар повторно е во медиумите поради негативните трендови. Сега во градот има повеќе активни случаи отколку кога беше под карантин.
За десет дена речиси двојно повеќе активни случаи во Дебар
„360 степени“ ги анализираше бројките кои ги објавува Институтот за јавно здравје за бројот на заболени по подрачјата кои ги покриваат Центрите за јавно здравје. Кога е во прашање Дебар, на 24 јуни имало 31 активен случај. Пет дена подоцна, на 29 јуни бројот се зголемил на 40 активни случаи. Според денешната статистика, која се однесува на резултатите од тестовите од последното деноноќие, во Дебар сега има 57 активно болни од ковид-19 или речиси двојно повеќе од пред 10 дена.
Ковид-19 кризата „расте“ во уште 12 градови
Ако се пресмета бројот на активни случаи во сите подрачја во Македонија по истиот метод како за Дебар, податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека значително зголемување на бројот на активни случаи има уште во: Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Крива Паланка, Пробиштип, Македонски брод, Свети Николе и Кичево.
Сепак, во споменати подрачја има големи разлики во темпото со кое се расте бројот на активни случаи. Во Прилеп, на пример, во моментов има 56 активни случаи што не е голема бројка споредена со бројот на жители, но пред десет дена во градот имало тројно помалку случаи, само 20.
Загрижувачки брзо расте бројот на заразени и во Охрид. Пред десет дена, туристичкиот центар кој очекува гости од цела држава, имал 107 активно болни од ковид-19. Денеска се веќе 175. Слично е и во Струга. На 24 јуни таму имало 107 активни случаи и за десет дена бројот пораснал на 167.
За само десет дена, бројот на активно болни е зголемен речиси двојно и во Гостивар, Пробиштип и Свети Николе. Но, на ниту едно место нема рапиден раст како во Кичево. За само 10 дена, на подрачјето на Центарот за јавно здравје – Кичево за повеќе од тројно е зголемен бројот на активни случаи на ковид-19, од 12 на 39.
Позитивни трендови во шест подрачја
Според податоците на Институтот за јавно здравје, ковид-19 трендовите се позитивни во: Куманово, Штип, Кочани, Валандово, Неготино и Берово, но и тука сликата не е идентична.
Во Куманово на пример, на 24 јуни имало 268 активни случаи. Пет дена подоцна бројката пораснала на 299. Но според последните податоци, на територијата на Центарот за јавно здравје – Куманово сега има 244 болни од коронавирусот. Тоа значи дека бројот на новозаразени е помал од бројот на оздравени пациенти.
Во Штип има намалување на бројот на активни случаи, но тоа се случило пред пет дена и оттогаш бројката е горе-долу иста. На 24 јуни таму имало 184 активно болни а пет дена подоцна бројот се намалил на 160. Од тогаш, бројката на новозаразени и оздравени се речиси идентични.
Во осум подрачја состојбата „стагнира“
Иако зборот „стабилно“ има позитивен призвук, тоа не важи за сите подрачја каде бројот на заболени се одржува на горе-долу слично ниво во последниве денови.
Прв е примерот на Скопје. Во главниот град, во моментов има 2 007 активни случаи. Бројката е идентична со активните случаи од пред пет дена, што значи дека постои баланс меѓу новозаболените и оздравените. Но, на 24 јуни, во Скопје имало 1 800 активни случаи што значи дека до крајот на јуни растел бројот на болни а тој се стабилизира дури на почетокот на месецов.
За разлика од Скопје, во Струмица, Гевгелија, Демир Хисар, Пехчево, Кратово нема големи отстапувања во бројот на болни, иако во овие Центри за јавно здравје и така имаше мал број на регистрирани случаи.
Дека состојбата полека се стабилизира покажуваат и податоците за Ресен. Во последните 10 дена, бројката на активни случаи во градот и околината се движи околу 90.
Радовиш, Виница, Делчево и Берово сега „немаат“ ковид-19
Барем според податоците на Институтот за јавно здравје, во Македонија во моментов има четири подрачја во кои нема ниту еден активен случај на ковид-19. Тоа се Радовиш, Виница, Делчево и од скоро Берово.