Кај седум лица во Словенија е потврдена зараза со нигериската мутација на коронавирусот, јавуваат словенечките медиуми.
Тој е детектиран при направени анализи во Универзитетскиот медицински центар во Љубљана, а како што пренесуваат медиумите, според достапните податоци, овој сој на коронавирусот веројатно нема да предизвика потешка форма на заболување со ковид-19.
Во текот на денот се очекува и официјална потврда од надлежните институции. На вчерашната прес-конференција словенечкиот министер за здравство Јанез Поклокар не соопшти за присуството на новата мутација во Словенија, но информира дека минатата недела се потврдени 62 случаи на британската мутација, како и еден од јужноафриканската.
Британската мутација е присутна секаде во регионот, додека јужноафриканскиот сој минатата недела првпат беше потврден во Словенија и Хрватска.
Во Словенија тој бил присутен од почетокот на февруари и со него се заразил лекар од Клиничката болница во Марибор кој со неколку други лица претходно престојувал во Намибија.
Во Хрватска, пак, јужноафриканската мутација беше потврдена кај две лица кои биле на патување во Занзибар.