Студијата треба да биде готова за 12 месеци, односно до јуни 2022. Таа треба да понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред, кој ќе ги задоволи потребите за движењето на граѓаните во работните денови, во пикот на сообраќајот во текот на денот, за време на викендите, празниците. Придобивките, велат градските власти, граѓаните ќе ги почувствуваат за две години
Градот Скопје денеска потпиша договор за изработка на Студија за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз која ќе треба да помогне да се направи реорганизација на автобуските линии. Ваквата студија, како што соопштија градските власти, е потребна зашто актуелните автобуски линии се организирани според студија која датира од пред 40 години – од 1981.
Во студијата ќе биде опфатени и најавените две рути на брзиот автобуски транспорт (БРТ), односно ќе треба да понуди сценарија за организација на јавниот превоз во Скопје до пуштањето на БРТ и потоа.
Паралелно, Градот прави и студија за тоа како да се организира движењето на возилата во центарот на Скопје, која ќе користи за најавеното претворање на улицата кај „Рекорд“ во пешачка зона.
Шилегов: Новата организација на автобуските линии за помалку од две години
Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз, за која беше потпишан договор денеска, треба да биде готова за 12 месеци, односно до јуни 2022. Таа треба да понуди нови автобуски рути, унапреден систем за наплата и унапреден возен ред кој ќе ги задоволи потребите за движењето на граѓаните во работните денови, во пикот на сообраќајот во текот на денот, за време на викендите, празниците.
Придобивките, велат градските власти, граѓаните ќе ги почувствуваат за две години.
„Студијата треба да биде завршена до јуни 2022 година. Оттука, убеден сум дека за помалку од 2 години нашите сограѓани ќе можат во целост да ги почувствуваат придобивките од новата организација на јавниот превоз во Скопје, а со имплементацијата на БРТ-системот верувам дека ќе можеме да се пофалиме дека имаме најдобро организиран јавен превоз во регионот, но и пошироко“,
изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Градоначалникот е уверен дека тоа ќе ја зголеми атрактивноста на јавниот превоз бидејќи смета дека актуелната организација стара 40 години не ги задоволува потребите бидејќи градот претрпел промени и во однос на популацијата и во однос на урбаниот развој.
„Токму тука лежи и причината за континуираниот пад на атрактивноста на јавниот превоз во Скопје, а со тоа и неколкукратно намалениот број на патници кои ги користат услугите на ЈСП и приватните превозници, за сметка на зголемувањето на употребата на автомобили што го прави неодржлив системот на јавен градски превоз. Од оваа студија очекувам да понуди нови решенија за системот на јавниот превоз кои ќе ја зголемат неговата популарност што недвосмислено води до пораст на бројот на патници кои го користат јавниот превоз, правејќи го индивидуалниот автомобилски превоз помалку атрактивен, а градскиот – одржлив“,
нагласи Шилегов.
Студијата ќе ја изработува конзорциум од две меѓународни компании – израелската „РОМ транспортејшн“ и англиската ГСТЦ ЛТД. Нивната понуда е избрана од вкупно 17 кои пристигнале, а чини 322 530 евра обезбедени преку грант во рамки на проект од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
„Како што веќе знаете, со заем во висина од 10 милиони евра, обезбедени од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Град Скопје и ЈСП набавија 33 еколошки автобуси. Во рамките на тој проект од ЕБОР е обезбедена и техничка поддршка преку грант од неповратни средства за изработка на Студија за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз. Преку отворена јавна постапка, спроведена од ЕБОР, за изработувач на студијата е избран конзорциумот меѓу израелската компанија ‘РОМ транспортејшн’ и англиската ГСТЦ ЛТД со понуда во висина од 322 530 евра“,
рече Шилегов.
На потпишувањето присуствуваше генералниот менаџер на „РОМ транспортејшн“, Моше Хирш, кој рече дека нивната компанија во последниве 15-ина години реализирала повеќе од 80 проекти низ светот.
Градоначалникот најавува дека со нови коридори ќе се растовари сообраќајот за да има пешачка зона во Центар
Кога станува збор за најавата дека строгиот центар на Скопје, односно улицата кај „Рекорд“ ќе биде пешачка зона, Шилегов не сакаше да соопшти детали. Тој вели дека се изработува студија за движењето на возилата во Малиот и Среден ринг и врз основа на таа студија ќе се уредува движењето во центарот на градот.
Според неговата изјава, потребен е стратегиски развој на инфраструктурата и во таа стратегија се опфаќаат коридорите кои се прават во поширокото градско подрачје. Тука, го спомена тунелот што се прави кај старата Железничка станица (кај трговскиот центар „Рамстор“) кој вели ќе ја поврзе улицата „Васил Гологанов“ со Кисела Вода. Тој тунел се работи, а кон средината на наредната година според Шилегов, Градот ќе почне да работи на поврзувањето на тунелот со другите улици и булевари. Исто така, тој ги посочи и улиците „Есенинова“ која ќе ги спои Кисела Вода и Аеродром, како и „Васил Карангелевски“ која ќе се прошири и поврзе со новиот мост на булеварот АСНОМ во Аеродром кој ќе овозможи директен излез од овој дел кон „Мавровка“.
„Она што го имаме во Аеродром е еден излез во Општина Центар, кон Железничката. Истиот е сличен и за граѓаните на Лисиче. Она што го работиме со мостот на булеварот АСНОМ е отворање на нов коридор. Во Лисиче и Аеродром живеам 80-90 000 луѓе кои се движат во еден коридор. Со пробивањето на мостот на тие 80 000 граѓани им овозможувате излез кон ’Мавровка‘, значи директно ги внесувате во Средниот ринг. Кога ќе го имате тој влез на возила како импакт, тогаш го регулирате движењето на возилата и во Малиот и во Средниот ринг“,
вели Шилегов.