Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон, порача ново-стариот премиер во првото јавно обраќање по изборот во Собранието
Зоран Заев, по синоќешниот избор на новата влада во Собранието, денеска се враќа во премиерскиот кабинет. Тој замина од владината зграда на „Илинденска“ бр. 2 во Скопје на 3 јануари оваа година за да овозможи формирање техничка влада во пресрет на предвремените парламентарни избори кои требаше да се одржат на 12 април.
Но, влошувањето на состојбата со коронавирусот ги одложи изборите, така што Заев се враќа на премиерската функција по точно 240 дена откако даде оставка.
Синоќа, во првото обраќање до јавноста по изборот, Заев констатираше дека Северна Македонија добила нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво согласно интересот на граѓаните и државата.
„Прв приоритет на новиот владин состав ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за граѓаните и економијата. Надминувањето на последиците од корона-кризата и враќање на претходните стапки на економски раст, ќе биде во фокусот на работата на Владата“,
порача ново-стариот премиер.
Заев рече дека уште во првите месеци од мандатот, новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна, независна правна држава.
„Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните“,
рече Заев.
Премиерот оцени дека следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина и ги повика граѓаните да се приклучат.
„Приклучете се кон борбата против корупцијата. Приклучете се на отпорот против ковид-19. Прифатете го повикот за широка мобилизација на сите капацитети со кои ќе си исчистиме воздухот, водите и почвите. Следува неповторлив период за Северна Македонија. Имаме шанса која не смееме да си дозволиме да ја пропуштиме. Затоа дајте свој придонес во трансформацијата на нашата држава, нашето заедничко општество“,
повика Заев.
Притоа, тој побара од граѓаните да бидат будни, гласни, конструктивни и аргументирани, да ја следат работата на владата, да бидат коректив, но и партнер.