Според одлуката на Синдикатот на ЈСП, од утре од 4:30 часот изутрина автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ќе останат во гаражите, а нема да работат ниту билетарниците
Не доцнат платите на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), соопштија вечерва оттаму.
Велат дека платите на вработените во ЈСП се исплаќаат редовно во тековниот месец.
„Платите во ЈСП „Скопје“ се на одобрување со доставени пресметки од овој месец со дополнителни работни часови, ноќна и прекувремена работа. Веруваме дека повторно постои политичка тенденција да се создаде вештачка криза таму каде што не постои“,
пишува во соопштението од ЈСП.
Оттаму велат дека вработените на ова претпријатие платите ги земаат на време, за разлика, како што посочија од ЈПС, од платите кои во „Македонски Пошти“ доцнат шест месеци, платите во МЗТ доцнат три месеци, а, како што посочуваат во соопштението од ова претпијатие, потешкотии со исплата на плати има и во скопските општини.
Претседателот на Синдикатот на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, Миќо Стојановски, денеска објави дека автобусите на ЈСП утре нема да возат зашто вработените сè уште не ги добиле јануарските плати.
„Еве, денеска е 15-ти, последниот законски ден за исплата на плата. Чекавме до 14:30 часот кога е последниот миг да се префрлат парите во ЈСП и да легнат на сметката на вработените, но тоа не се случи. Не се договоривме така со градоначалничката и со директорот. Советот на Град Скопје ја заврши својата работа, ја донесе одлуката (за субвенции на ЈСП н.з.). Остана сега уште парите да се префрлат и платата да си биде во редовен рок“,
рече Стојановски на прес-конференција.
Според одлуката на Синдикатот на ЈСП, од утре од 4:30 часот изутрина автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ќе останат во гаражите, а нема да работат ниту билетарниците.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа одговори од скопската градоначалничка Данела Арсовска зошто платите на вработените во ЈСП не се исплатени и покрај тоа што минатиот месец Советот на Град Скопје донесе одлука за субвенции во износ од 11 милиони евра за ЈСП – средства со кои требаше да се исплаќаат платите на вработените во текот на годинава.