Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков денеска објави т.н. афера „Броило“ тврдејќи дека компанијата „Пиксел груп“, која е основана од премиерот Димитар Ковачевски, заработила милионски суми од државни тендери
Во време на светска енергетска криза, кога на нашата Македонија но и на целиот свет му е насушно потребно секој произведен мегават електрична енергија, сметаме дека е под секое ниво името на нашата компанија, како и на компанијата мајка на „Пиксел груп“, КМГ ЕОЛ КВАЗАР, да се злоупотребува во дневни политички препукувања и беззначајни прес-конференции, кажувајќи единствено лаги и класични манипулации за да се замајува јавноста.
Ова вечерва го соопшти компанијата „Пиксел груп“ за која денеска пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков одржа прес-конференција на која обвини дека премиерот Димитар Ковачевски преку фирми основани од него и неговите семејни врски „вртат милионски суми во енергетскиот бизнис“.
Од компанијата велат дека уште пред назначувањето на Ковачевски за заменик министер за финансии објавиле дека тој истапува од сопственичката структура на „Пиксел груп“ бидејќи тоа е неспоиво со неговиот политички ангажман.
„Затоа, уште еднаш потенцираме дека е за секаква осуда нашите компании да бидат жртва на нечии потреби за дневен политички рејтинг и бараме да не се користи името и на „Пиксел груп“ и на КМГ ЕОЛ КВАЗАР за политички маркетинг“,
се вели во соопштението.
Оттаму тврдат дека работат на слободниот пазар според сите законски прописи и по највисоки етички стандарди. Како што се вели во соопштението, компанијата не користела никакви специјални услови надвор од оние кои на сите компании од оваа дејсност им се даваат на располагање и им следуваат по закон.
Во соопштението се додава и дека компанијата „КМГ ЕОЛ Квазар“ е основана во 2007 година и е пионер во областа на фотоволтаичните системи и енергетската ефикасност.
„Сите први проекти во областа на фотоволтаичната технологија и енергетска ефикасност се поврзани со оваа компанија и тоа во период кога политичката елита што држи пресови за нас, беше на власт. Во моментов вработува повеќе од 70 вработени и неколку фирми подизведувачи и има вкупна реализација за период 2010-2021 година 1 291 668 742 денари или околу 21 002 744 евра. За тој период ,компанијата има исплатено придонеси и даноци за плати кон државата во износ од 23 284 533 денари“,
наведуваат од „Пиксел груп“.
Во соопштението се нагласува дека „како резултат на доброто работење и визијата“ на „КМГ ЕОЛ Квазар“, се родила идејата за основање на „Пиксел груп“, како прва фабрика во земјава за производство на фотоволтаични панели според светски стандарди.
„За 4,5 години успеавме со натчовечки напори и заслуги на сите наши вработени од двете компании да произведеме преку 80 мегавати, кои што освен на домашниот пазар, успешно ги пласираме и во регионот (Србија, Косово, Албанија, Турција…) и во држави на Европската Унија, како Романија, Хрватска, Полска, Бугарија и други“,
посочуваат од „Пиксел груп“.
Компанијата додава дека во неа во моментов работат околу 30 вработени на кои што редовно им се исплаќаат плати и придонеси и „се горди и задоволни што работат во високо технолошка и модерна компанија“.
Лефков денеска обвини дека фирмата станала централна во бизнисот и дека околу неа „се вртат“ 26 милиони евра.

„Аферата` Борило` е шема која покажува како преку Пиксел груп и фирмата КМГ ЕОЛ Квазар Соларниот Картел ги свртеле парите. Само од државни тендери во изминативе неколку години овие фирми инкасирале 1.8 милиони евра. Во 2021 година, кога Димитар Ковачевски е заменик министер за финансии, КМГ ЕОЛ Квазар склучува договор со ЕВН, врз која сега Ковачевски како премиер има мандатна сопственост преку државниот удел во ЕВН, и тоа договор за изведба на работи и испорака на фотоволтаични панели, во вредност од над 2 милиони евра“,
рече Лефков.