Петровска порача дека изминатиов период Северна Македонија како претседавач на ОБСЕ навистина даде сè, вложи максимум напори успешно да се заврши претседавањето и ОБСЕ да ја исполни својата мисија, стои во соопштението на МО
Ако се има предвид однесувањето на Русија и нејзината надворешна политика, не гледам причина министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, да учествува на овој состанокот на ОБСЕ во Скопје, рече вечерва министерката за одбрана Славјанка Петровска на одговор на новинарско прашање на „Тема на денот“ во Дневникот на Македонската телевизија (МРТВ).

„Нема потврда за доаѓањето на Лавров, меѓутоа со оглед на однесувањето на руската надворешна политика, нивното мешање во внатрешните работи на државите, меѓутоа пред сè нивниот однос кон Украина, не гледам зошто тој би доаѓал овде“,
рече министерката, соопшти Министерството за одбрана.
Петровска порача дека изминатиов период Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ навистина даде сè, вложи максимум напори успешно да се заврши претседавањето и ОБСЕ да ја исполни својата мисија, стои во соопштението на МО.
„Не зависи секогаш сè од нас. И останатите земји членки, во случајов и Русија како членка на ОБСЕ треба да покаже дека навистина знае да ги негува и да ги вреднува вредностите на ОБСЕ“,
рече министерката.
Инаку, на 29 ноември, државната и јавната администрација, на подрачјето на Град Скопје, ќе работи до 12 часот, а 30 ноември за нив ќе биде неработен ден.
Оваа одлука за редуцирано работно време Владата ја донесе на денешната седница, а која е на предлог на Министерството за надворешни работи (МНР).
Овој предлог на МНР, е поради 30. министерски состанок на ОБСЕ, кој ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември 2023 година во Скопје.