Дополнителната заменик-министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска вели дека очекува соодветна казна за полицајците кои денеска приведоа момче што го шеташе своето милениче за време на полициски час. Таа смета дека полициските службеници постапиле несоодветно и очекува казна зашто приведувале без заштитна маска и ракавици.
„Во врска со објавеното видео на кое е прикажано приведување на момче со домашно милениче заради прекршување на полицискиот час, го искажувам своето несогласување со начинот на кој постапиле полициските службеници. Воедно, очекувам и соодветна санкција за нивното непочитување на мерките и неносење на заштитни маски и ракавици. Ако казнуваме за неспроведување на мерките, како тоа ние први да ги прекршуваме?“,
напиша Петровска на својот профил на Фејсбук.
Видеото од приведувањето на момчето се прошири на социјалните мрежи. Се забележуваат припадници на полицијата, момчето со неговиот миленик и возилa на полицијата. Видеото предизвика лавина од коментари и негодувања. Според она што се коментира под снимката, најверојатно, настанот се случил во скопска населба.
*Поврзана вест: (ВИДЕО)Полицијата приведе момче што шета со својот миленик, Чулев најави расчистување на случајот
Засега не се знае која е причината за приведувањето на момчето, но се шпекулира дека било забележано на улицата неколку минути пред да започне одредениот термин дозволен за шетање миленици во време на полициски час.
За настанот се огласи и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, кој вели дека настанот е евидентиран од Одделот за внатрешна контрола и дека ќе се анализира дали полицијата постапила противзаконски.
„Конкретниот случај е евидентиран и се преземаат мерки за утврдување на законитоста на постапувањето на полициските службеници, a за исходот од проверките во текот на утрешниот ден дополнително ќе биде известена јавноста. Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и во иднина ќе презема мерки за соодветно расчистување на сите случаи во кои постои сомневање дека постапувањето на полициските службеници е спротивно на законот“,
напиша министерот Чулев на неговиот профил на Фејсбук.