Економските последици ги чувствуваме сите, но државата спроведува мерки да им помогне на сите погодени за заеднички да ја пребродиме кризата, изјави на прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, одговарајќи на најчесто поставуваните прашања за субвенционирање на 50 од придонесите и како занаетчиите можат да ја искористат мерката од 14 500 денари.
Во однос на компаниите, Петров рече дека доколку сакаат да аплицираат и да ја користат мерката, треба да исполнат неколку услови. Прво, приходите да им бидат намалени за најмалку 30 отсто споредбено со просекот за 2019 година. Второ, бројот на вработени за месеците април, мај и јуни 2020 да не биде помал со состојбата заклучно со март 2020 и компаниите да не исплатуваат дивиденди и бонуси од денот на објавување на уредбата.
„Ако компаниите се регистрирани само неколку месеци, се зема просекот од периодот од кој што функционираат. Ако компанијата има сезонска работа, се зема просекот од кварталот односно сезоната која е релевантна од претходната година. Работодавачот кој бара државна помош, не смее да го намали бројот на вработени во периодот од април до јуни, споредбено со март. Освен во случај на пензионирање, самоволен отказ и кршење на работниот ред. Работодавачите ќе добиваат по 14 500 денари нето по вработен месечно и тоа не е плата, тоа е финансиска поддршка која секоја компанија може да ги користи“,
изјави Петров.
Тој го појасни и начинот на кој и занаетчиите можат да аплицираат за финансиската помош. Лицето кое врши занаетчиска дејност треба да поднесе барање за средства до УЈП, а формата и содржина за исплата ја пропишува Министерството за финансии. Барањето се поднесува електронски преку системот за е-даноци до 5 за претходниот месец, а комплетноста на барањето го потврдува УЈП во рок од 3 дена од денот на приемот. УЈП подоцна ја известува Владата кои лица ги исполниле условите.
Финансиска помош ќе има и за оние на кои ќе им прекине работниот однос.
„Право на паричен надоместок има невработено лице кое било во работен однос 9 месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци пред престанокот на работниот однос. Надоместокот ќе се пресметува според работниот стаж“,
појасни Петров напоменувајќи дека ако на граѓаните им се повредени работничките права, да се обратат до Државниот инспекторат за труд.