Во болницата „Папаниколау“ во Солун, според информациите на МИА, се наоѓаат две девојчиња и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени, односно имаат сериозни изгореници
Вкупно пет лица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани се хоспитализирани во болницата „Папаниколау“ и во воената болница во Солун, објави МИА повикувајќи се на информации од здравствените установи.

Двајца од нив, како што се наведува, се веќе оперирани, а на други двајца им била извршена трахеотомија (минимална хируршка терапија со која се прави вештачки отвор на предниот дел од вратниот дел на душникот).
Извори од болницата „Папаниколау“ за новинската агенција брифираат дека од вчера попладне кај нив се хоспитализирани тројца од повредените, кои со амбуланти возила беа пренесени од Скопје во Солун и се наоѓаат на одделот за интензивна нега за пациенти со изгореници. Двајца од нив се оперирани, додека третото лице сè уште не е.
Според информациите, станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години кои се тешко повредени со сериозни изгореници.
Дополнително, во воената болница во Солун се хоспитализирани уште две повредени лица на кои им била извршена трахеотомија. Дополнително, според информациите на МИА, во воената болница во Солун биле префрлени уште двајца повредени на кои им била извршена трахеотомија.
Извори од болницата „Папаниколау“ рекле дека засега не се информирани или известени за транспорт на други повредени во пожарот во Кочани кај нив.
Министерот за здравство на Грција, Адонис Георгијадис, синоќа преку социјалните платформи информира дека Националниот центар за брза помош е во целосна оперативна готовност за транспорт и лекување на повредени со изгореници по барање на Северна Македонија. Во таа насока тој наведе четири болници во Атина и Солун се во состојба на зголемена готовност.
Георгијадис објасни дека по барањето од нашата земја до Европскиот механизам за цивилна заштита, во тек се сите неопходни активности.
„Во тек е координација помеѓу грчкото Министерство за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за климатски кризи и цивилна заштита и Здравствен оперативен центар на брзата помош со цел транспорт, прием и лекување на повредените со изгореници во соодветните здравствени центри во земјата“,
напиша Георгијадис на Икс.
Како дел од помошта на соседните земји за лекување на повредените во пожарот во Кочани, девет пациенти веќе се наоѓаат во Ургентниот центар на Србија, а тројца се примени на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.
Тие, ноќеска со авион CASA C-295 на српската армија беа пренесени од Скопје во Белград.
Претходно, авион со четворица лекари и четворица медицински техничари полета за Скопје за медицинска евакуација на повредените во несреќата.
За да им се даде помош на повредени, планирано е во Северна Македонија да останат двајца лекари од ВМА (пластичен хирург и анестезиолог) и медицински техничар.
Тројца критично повредени во пожарот синоќа беа пренесени во Турција со медицински авион на турското Министерство за здравство.
Повредени во пожарот во Кочани се пренесени на лекување и во Бугарија. Директорот на болницата „Пирогов“ на брифинг со новинарите информира дека во текот на ноќта кај нив биле примени осум пациенти, од кои тројца млади до 18 18 години и пет пациенти на просечна возраст од 20-25 години. Највозрасниот, според информациите од „Пирогов“ има 31 година.
Тој објасни дека лекарите во моментов прават целосна проценка на состојбата на пациентите и дека ќе направат сè што е потребно.
