Во најавата не се споменува дали една од темите ќе биде ветото на Бугарија за почеток на преговорите за членство на С Македонија со ЕУ
Бугарскиот премиер Кирил Петков е во работна посета на САД. Според најавата во бугарските медиуми, тој денеска и утре ќе престојува во Вашингтон каде што на покана на претседавачот со Минхенската безбедносна конференција Кристоф Хојсген ќе учествува на лидерска средба на највисоко ниво.
Посетата, како што објавуваат медиумите, е и дел од владиниот план за координирано решавање на проблемите со гасот и инфлацијата преку поблиска соработка со нашите меѓународни партнери. За време на посетата на Вашингтон, премиерот Кирил Петков ќе разговара и со високи претставници на американската влада и претседателот на Светска банка Дејвид Малпас за зајакнување на блиското партнерство на Бугарија со САД и меѓународната заедница.
Разговорите ќе се фокусираат на енергетската независност на Бугарија и безбедносните мерки по едностраното прекинување на испораките на гас на „Газпром“.
Во најавата не се споменува дали една од темите ќе биде ветото на Бугарија за почеток на преговорите за членство на С Македонија со ЕУ.
И бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова постојано говорат дека има силен меѓународен притисок врз Бугарија да го тргне ветото.
САД преку сите своите претставници постојано укажува дека потребата од што поскоро надминување на разликите меѓу двете земји, и со тоа кревање на рампата за отворање на пристапните преговори со Европската Унија.