Добив информација дека пратеници од ИТН ќе ја напуштат нашата пратеничка група и ќе ги поддржат Кирил Петков и Асен Василев. Најверојатно се купени со пари и функции, вели лидерот на ИТН, Слави Трифонов
Владејачката коалиција во Бугарија е во потрага по пратеници за да си обезбеди апсолутно мнозинство од 121 пратеник од 240-члениот парламент откако Има таков народ (ИТН) одлучи да ја напушти власта.
Пратеникот Атанас Михнев од партијата Продолжуваме со промените на премиерот Кирил Петков утрово изјави дека работат на тоа да обезбедат апсолутно мнозинство и потврди дека веќе се обезбедени пратеници кои ќе останат дел од власта. По излегувањето на ИТН, трите партии во владејачката коалиција (Продолжуваме со промените, Бугарсаката социјалистичка партија-БСП и Демократска Бугарија) имаат 109 пратеници.
На прашањето до Минхев дали се обезбедени потребните 12 пратеници, колку што недостасуваат до 121, пратеникот рече:
„Не, помалку. Одиме во насока да обезбедиме целосно мнозинство“.
Дел од бугарските медиуми веќе објавија дека дел од пратеници од ИТН веќе одлучиле да излезат од пратеничката група при што лицитираа со бројки од најмалку седум-осум пратеници.
Без да објави конкретни бројки или имиња и лидерот на ИТН, Слави Трифонов, потврди дека дел од неговите пратеници ќе го напуштат и обвини дека тие се купени.
„Штотуку добив информација дека пратеници од ИТН ќе ја напуштат нашата пратеничка група и ќе ги поддржат Кирил Петков и Асен Василев. Најверојатно се купени со пари и функции. Ќе се види кој што ќе стане. Не мора да бидам гатачка за да знам дека ќе кажат многу лаги и измислици во стилот на Кирил и Асен само за да ги оправдаат своите постапки и да ја смират грижата на својата совест. Но, предавството е предавство и никој не ги сака предавниците. Дури и оние што имаат корист од нив“,
напиша Трифонов на Фејсбук.