Бугарскиот премиер, Кирил Петков, во интервју за БТВ рече дека ниту тој ниту други претставници на владата не разговарале со претставници на амбасадата на САД во Бугарија за признавање на македонско малцинство во земјата. На ваквото прашање на новинарката тој одговори – „Никогаш.“
„Нема такво малцинство и за такво малцинство не може да се зборува“,
рече Петков.
Петков порача и дека постои усогласен став на бугарската политика, потврден од Консултативниот совет за национална безбендост пред една недела, дека позицијата на Бугарија кон Севрна Македонија не е променета, туку е само надградена со работни групи.
Тој го потврди инсистирањето на бугарската страна бугарското малцинство во Република Северна Македонија да влезе во Уставот на земјата, додавајќи дека никогаш не навел точен рок за решение на спорот.
„Рокот од шест месеци кој го поставив беше за рамката во која работните групи треба да работата и да ја завршат работата со средби еднаш месечно. Јас никогаш не сум давал точен рок за решение“,
рече тој.
На прашањето што ќе им каже на македонците при посетата на земјата, Петков одговори – „На македонците ќе им кажам дека е време политичарите да запрат со еднострани удари како декларации, туку е време да ги засукаме ракавите“.
„Сакаме гаранции кои секој еден граѓанин на ЕУ треба да ги има, а тоа е нулта толеранција кон дискриминација“,
додаде тој.
Петков најави и што би бил неговиот предлог за компромис.
„Линијата ќе ми биде првиот компромис. Мислам дека Бугарија може да биде иницијатор за стартување на линијата меѓу Софија и Скопје уште во идниот месец“,
рече тој.
Петков заедно со шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, министерот за транспорт и врски и потпретседателот на Народното собрание, на 18 јануари ќе допатува во прва официјална посета на Скопје и ќе се сретне со новиот премиер Ковачевски.