Повикот за општините ќе биде отворен до 30 декември
Европската Унија со пет милиони евра ќе помага за реализација на проекти во општините насочени кон решавање на локални проблеми.
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, денеска го означија почетокот на повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините“.
Освен парите од ЕУ, дополнителни 600 000 евра за кофинансирање се обезбедени од буџетот на државата и ќе се реализираат преку Министерство за локална самоуправа.
Повикот има за цел да ги зајакне единиците на локалната самоуправа преку три приоритети на ЕУ – солидарност, соработка и зелен пристап.
Министерот Милевски ги повика градоначалниците, граѓанските организации и бизнис-заедницата заеднички да направат промени во општините преку проектот „ЕУ за општините“.
„ЕУ обезбедува пет милиони евра кои ќе бидат реализирани во општините чии проекти ќе бидат одобрени. Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата обезбедува 600 000 евра за кофинансирање на одобрените проекти. На овој начин им олеснуваме на општините да аплицираат и ги правиме подостапни за користење фондовите на Европската Унија. Повикот е објавен и ќе биде отворен до 30 декември. Условот е проектите да понудат нов начин на решавање на проблемите во општините. Со иновативни решенија да ги подобрат постојните или пак да креираат нови локални услуги“,
нагласи Милевски.
Европската Унија, како што рече, обезбеди и дополнителен еден милион евра за техничка подготовка на општините за аплицирање.
Според Милевски, главните области на кои треба да се фокусираат проектите се: иновативни решенија за нови услуги или за подобрување на постојните, подобра социјална грижа и социјални услуги, подобрување на капацитетите на кризниот менаџмент, економско закрепнување по кризата со пандемијата, работни места и вештини, како и приоритети поврзани со климатските промени и одржливото користење на националните ресурси.
Имплементацијата на проектот ќе трае три години.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, потенцира дека ЕУ продолжува со поддршка на земјава, а искуствата од европските региони и градови секогаш се добредојдени.
Шилегов смета дека општините ќе го дадат својот максимум, ќе аплицираат за средства од проектот во соработка со своите европски колеги и ќе обезбедат иновативни решенија за подобрување на општинските услуги и подобрување на капацитетите на општинската администрација.
Амбасадорот Гир посочи дека ЕУ континуирано ѝ помага на земјава за да ги надмине економските последиците од пандемијата на ковид-19.
Тој информира дека проектите имаат за цел да ги приближат основните принципи на ЕУ за локална самоуправа до Северна Македонија.
Ова, како што рече Гир, ќе се реализира со општините на ЕУ преку споделување на искуство и знаење со македонските општини за тоа како најдобро да се решат локалните проблеми.