Седумдесет и едногодишен пензионер од Скопје заработи кривична пријава за сторено кривиччно дело непостапување според здравствени прописи за време на пандемија. Тој организирал семејна забава во локал во негова сопственост, којшто подолго време не работел.
Како што информира полицијата за истиот случај е поднесена уште кривична пријава за лице од Германија.
„Единицата за внатрешни работи Гази Баба при СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.О.(71) од Скопје и Н.Б.(51) од Германија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“,
информираат од полицијата.
Двајцата на 8 август организирале прослава во угостителски објект, во сопственост на првопријавениот, кој подолго време не работел.
Во денешниот билтен на полицијата се известува дека се поднесени уште две кривични пријави за истото кривично дело, но се работи за одделен настан од претходниот.
„СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.Д.(34) и Б.Б.(29), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. На 01.08.2020 во дворот на куќата на првопријавениот во с.Идризово, пријавените организирале прослава по повод верски празник“,
се вели во полицискиот билтен.