Неуспехот на постојната воена кампања да се натера Иран на бараните отстапки ги натера американските воени планери да бараат нови начини за решение на ситуацијата кои би ги задоволиле апетитите на Доналд Трамп, но истовремено и не би прераснале во целосна копнена инвазија
Американската Централна команда (CENTCOM) побарала од своите аналитичари да предложат „нови, креативни и неконвенционални“ начини за вршење притисок врз Иран, на што укажува електронска порака испратена минатата недела до поширока група воени аналитичари, објавува Си-ен-ен. Според два извори запознаени со содржината, ваквиот повик за идеи преку електронска пошта е невообичаен и укажува дека Вашингтон бара алтернативи бидејќи досегашната стратегија не ги дава посакуваните резултати.
Портпаролот на CENTCOM, капетан Тимоти Хокинс, изјави дека командата има долга традиција на иновативен пристап и дека актуелниот командант, адмирал Купер, редовно ги охрабрува припадниците на тимот, без оглед на нивниот чин, да предлагаат нови решенија.

Повикот за идеи следувал непосредно пред американскиот претседател Доналд Трамп да се закани со нови напади врз Иран, кои потоа ги одложи по интервенција на регионални лидери, меѓу кои и саудискиот престолонаследник.
И покрај повеќенеделните воздушни напади со цел да се намалат иранските капацитети и Техеран да се принуди на преговори, американските разузнавачки служби проценуваат дека бомбардирањето само по себе нема значително да ја промени позицијата на Иран. Ист став јавно изнесе и претседателот на Здружениот генералштаб, генерал Ден Кејн, кој призна дека „воздушната моќ има свои граници“.
Според американски претставници, Пентагон подготвил повеќе сценарија за можна ескалација, меѓу кои и интензивна воздушна кампања против иранските ракетни капацитети и нови напади врз подземните нуклеарни објекти. Но, изворите на Си-ен-ен наведуваат дека тие објекти се толку длабоко закопани што нивно уништување со конвенционално оружје е малку веројатно, а за целосно неутрализирање би биле потребни копнени сили – чекор што Трамп засега не сака да го преземе.
Една од опциите што се разгледуваат, според изворите, се ограничени воздушни напади со повеќе симболичен отколку стратешки ефект, кои би му овозможиле на Трамп да прогласи успех и постепено да излезе од конфликтот, без да ја постигне првичната цел – целосно елиминирање на иранската нуклеарна програма.

Во меѓувреме, останува нерешено и прашањето за Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта, околу кој Иран продолжува да ги истакнува своите барања.
Американските власти предупредуваат дека секоја понатамошна ескалација носи сериозни ризици – од исцрпување на американските резерви за противвоздушна одбрана до можни големи цивилни жртви доколку бидат нападнати инфраструктурни објекти. Од друга страна, испраќањето копнени сили би било во директна спротивност со едно од клучните предизборни ветувања на Трамп дека нема повторно да ги вовлече САД во долготрајни војни.
Како што изјавил еден од изворите запознаени со разговорите во администрацијата, Белата куќа и натаму бара начин истовремено да изврши силен притисок врз Иран и да дојде до договор што би ѝ овозможил да го затвори конфликтот.
