Во однос на потпишувањето на измените на Кривичниот законик со европско знаменце, за кое му пререче ДУИ, претседателот вели дека со дел од измените на КЗ се прави усогласување со европската директива за замрзнување и конфискација на имот
Два дена откако претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише указот за законот за игри на среќа, и натаму продолжуваат меѓусебните преписки меѓу него и Демократската унија за интеграција (ДУИ) по однос на ова прашање. Во одговор на денешната реакција на ДУИ, во која партијата го обвини за двојни стандарди оти претходно ги потпишал измените на Кривичниот законик и покрај противењето на ЕУ, Пендаровски вели:
„За измените на Кривичниот законик имаше јасна европска Директива за конфискација на имот стекнат со криминал. Имено, во тој дел, измените на Законикот се усогласени со европската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела.“
Во реакцијата на шефот на државата се посочува и дека ова е првпат Европската Унија писмено да реагира да не се злоупотребува европското знаменце пред воопшто законот да биде донесен.
„Никогаш, за ниту еден закон, Европската Унија писмено не реагирала да не се злоупотребува европското знаменце пред воопшто тој закон да биде донесен, како што ЕУ постапи сега, во овој случај, во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри“,
вели Пендаровски во реакцијата.
Додава дека дописот на ЕУ во кој јасно се дава до знаење дека процедурата за носењето на законот не е испочитувана, освен до претседателот бил испратен и до Владата и до Собранието.
„Вицепремиерот Артан Груби, како и сите членови на Владата би требало да се запознаени со овој допис“,
додава шефот на државата.