Претходно денеска, премиерот Димитар Ковачевски, изјави дека не разговарал со грчките власти во врска со евентуалното продолжување на рокот за вадење нови лични документи и пасоши зашто, како што рече, таа обврска ја преземал шефот на државата
Откако премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави оти шефот на државата ја презел обврската за комуникација со претседателката на Грција во врска со пролонгирање на рокот за издавање на патните исправи, од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат оти тој нема преземено таква обврска.

Оттаму посочуваат оти предлогот за продолжување на рокот за издавање на личните документи и патните исправи бил инициран од претседателот, но дека таа процедура е во целосна надлежност на Владата и Собранието
„Во однос на комуникацијата со Грција, претседателот Пендаровски може да помогне во процесот, но нема преземено обврска во таа смисла“,
посочуваат од кабинетот на претседателот.
Претходно денеска, премиерот Димитар Ковачевски, изјави дека не разговарал со грчките власти по однос на ова прашање зашто, како што рече, таа обврска ја преземал претседателот Пендаровски.
„Со грчките власти немам разговарано. Претседателот на државата нели презеде обврска да се слушне со претседателката на Грција. Имаме разговори кои што се водат со ресорните министри, ја видов и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ до Уставен суд. Таа иницијатива јас не ја отфрлам, не постои причина зошто да ја отфрлам тоа е одлука на Уставниот суд“,
изјави денеска Ковачевски.
Прашањето за пролонгирање на рокот за издавање на личните документи прв го отвори претседателот Стево Пендаровски, велејќи дека со брза интервенција на законите за лична карта и за патни исправи може да се пролонгира рокот за вадење нови документи и наместо до февруари да биде продолжен до есента 2024 година.
На ова, премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема ништо против таквиот предлог доколку тоа прашање може да се реши на меѓународно ниво и го упати Пендаровски да оствари комуникација со претседателката на Грција.
Пендаровски, пак, рече дека е подготвен да разговара со претседателката на Грција во оваа насока, но посочи дека размената на информации околу Преспанскиот договор треба да оди преку МНР.