Според Пендаровски, мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет

Случајот со двојното убиство, кое изминатиот месец ја потресе јавноста, при што беа убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, се најде во дел од годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски.
Тој од собраниската говорница рече дека механизмите на правната држава мораат на време да ги санкционираат сите оние кои користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација.
Според него, мора да бидат забранети политички партии и невладини организации кои работат спротивно од декларираното во основачките документи и, во суштина, ја злоупотребуваат демократијата како неспорна вредност на модерниот свет.
„Државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест“,
рече Пендаровски во завршниот дел од неговото годишно обраќање.
Пендаровски вели дека преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминативе 32 години.
„Амбиент во кој, во јавниот простор, толериравме нелуѓе кои пропагираа меѓуетничка омраза и нетрпеливост, агресивни идеологии, говор на омраза, јавно упатуваа закани за линчувања на поединци и ликвидации на политички опоненти“,
додаде претседателот.
Требаше, рече Пендаровски, секој од нас, а посебно ние политичарите, многу почесто и погласно да зборуваме против овие појави, наместо да веруваме во моќта на нашиот демократски систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми.
„За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор“,
рече тој.
насловна фотографија: Фејсбук-профил на претседателот Стево Пендаровски