Надвор од процедурите на НАТО и спротивно на принципите на меѓународната политика за немешање во внатрешните работи, смета шефот на државата Стево Пендаровски за потегот на бугарскиот претседател Румен Радев кој вчера имал средба со шефовите на специјалните служби на која побарал да преземат мерки за заштита на Бугарите во Северна Македонија.
Освен тоа, додава Пендаровски, до неговиот кабинет нема стигнато никаква информација за кршење на човековите права поради нечија етничка припадност.
„Крајно невообичаено и секако надвор од внатрешните процедури на Алијансата е претседател на една земја членка на НАТО да ги повикува своите служби за безбедност да реагираат за наводно кршење на правата на граѓани во друга земја членка на НАТО. Реакцијата на бугарскиот претседател е спротивна и на основниот принцип во меѓународната политика за немешање во внатрешните работи на друга држава. До овој момент, претседателот Пендаровски нема добиено ниту една информација од надлежните институции за кршење на човековите слободи и права на македонски граѓани само затоа што ја декларирале својата етничка припадност. Како држава кандидат за членство во ЕУ ние сме со години под редовен мониторинг на Брисел, но ниту во последниот годишен извештај за напредокот на Европската Унија не се регистрирани такви случаи“,
велат од кабинетот на Пендаровски.
Денеска реагираше и премиерот Зоран Заев кој порача дека Северна Македонија и Бугарија се сојузници во НАТО и не е потребно испраќање никакви служби, а исто така потсети и дека со Договорот за пријателство и добрососедство двете земји се декларирале за немешање во внатрешните работи на другата земја, но и оти се оди и понатаму – да нема мешање во прашањата за малцинствата.