„Процесот на прочистување на судии и обвинители ќе ни земе минимум три до четири години, ќе не остави со половина судии помалку, а можеби и тоа е некаков почеток бидејќи сите други варијанти – имаме нов Кривичен законик, па реформи, па нови реформи, па реформи на реформите, не доведоа до овде“, вели Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски вели дека од денешен аспект поинаку гледа на можноста за целосен ветинг во правосудството отколку пред неколку години, без оглед на ризикот од драстично намалување на бројот на судии и јавни обвинители што би останале.
Во вечерашното гостување на Канал 5 телевизија тој рече дека порано го поддржал ставот на Европската Унија дека нашата држава не треба да направи комплетен ветинг на судиите, имајќи го предвид примерот на Албанија каде по тој процес останале само 40 отсто од судиите и обвинителите.
„Од овој аспект кога гледам дека не се помрднуваме напред и тоа децидно е наведено во извештајот на Европската комисија, кога гледам дека немаме напредок, велам – можеби е подобро да имаме 40 отсто судии со образ и да немаме целосно составени органи, да ги допополнуваме со судии и со обвинители, отколку да имаме судство и обвинителство за кои гледате какви се ефектите, за кои велат дека се канцер на општеството“,
рече претседателот Пендаровски.
Според него, години наназад Северна Македонија не успеа да ги имплементира реформите во правосудниот систем.
„Процесот на прочистување на судии и обвинители ќе ни земе минимум три до четири години, ќе не остави со половина судии помалку, а можеби и тоа е некаков почеток бидејќи сите други варијанти – имаме нов Кривичен законик, па реформи, па нови реформи, па реформи на реформите, не доведоа до овде“,
додаде Пендаровски.
На прашањето дали во грешките што ги има направено оваа година влегува и потпишувањето на указите за измените на Кривичниот законик, Пендаровски рече дека за тоа требало да има поголема дебата која била оневозможена заради европското знаменце.
„Во делот на супстратот на она што беше понудено, јас мислам дека и денеска да ми го дадете немаше да донесам поинаква одлука. Го знам предлог-законот уште пред влегување и знам што содржеше. Тие неколку дена имав доволно време да се консултирам со правни експерти“,
рече Пендаровски.
Тој вели дека е недозволиво во една демократска држава еден судски процес да трае 10 или повеќе години.
„Јас мислам дека со име и презиме треба да се извадат луѓето кои 12 години не го суделе ‘Маѓар Телеком’, луѓето кои осум години не ги суделе овие другите предмети. Значи, не е проблемот до законот, до човечкиот материјал е“,
додаде Пендаровски.
Околу иницијативата за разрешувањето на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, за која се најавува дека ќе се расправа на 29 овој месец, Пендаровски вели дека потегот на Судскиот совет е за секоја осуда.
„Се стекнува впечаток во јавноста дека таа дисциплинска постапка е почната откако даде интервју. Значи тие работи се поврзуваат“,
рече Пендаровски.
На прашањето дали знае кој ја покренал таа постапка и дека, според информациите кои се познати во јавноста, а не се демантирани, тоа е членот на Судскиот совет, Мијазим Мустафа, предложен токму од него, Пендаровски рече дека тие избори и предлози секогаш се на парламентарното мнозинство, бидејќи тие ги бираат.