Претседателката на Врховниот суд неодамна на прашање на „360 степени“ за тоа дали продолжуваат политичките притисоци врз судиите на највисокиот суд во земјава, за кои самата јавно посведочи, и како го коментира фактот што никој не демантира дека во Судскиот совет постои иницијатива за нејзино разрешување, кусо одговори дека ваквите постапки се од доверлив карактер, но оти таа би барала јавност во ваков случај
Ставот 3 од членот 61 од Законот за Судски совет предвидува дека по барање на судијата или претседателот на судот (за кого се води постапка за утврдување на одговорност), Советот ќе одлучи постапката да биде јавна
Судскиот совет на последниот работен ден од оваа година (29 декември) ќе расправа по иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, за која се говори во јавноста и за која никој не демантира дека постои, дознава ТВ Телма.

Според извори на телевизијата, тричлена комисија на известители за овој датум ја закажала расправата на која, како што се наведува, и претседателката на Врховен ќе може да даде своја одбрана во однос на наводите со кои се бара нејзино разрешување, кои засега ѝ се непознати на јавноста.
Претседателката на Врховниот суд неодамна на прашање на „360 степени“ за тоа дали продолжуваат политичките притисоци врз судиите на највисокиот суд во земјава, за кои самата јавно посведочи, и како го коментира фактот што никој не демантира дека во Судскиот совет постои иницијатива за нејзино разрешување, кусо одговори дека ваквите постапки се од доверлив карактер, но оти таа би барала јавност во ваков случај.
„Мојата работа и работата на Врховниот суд се позитивно оценети во извештаите на Европската Унија. Евентуално такво барање мора да ги предвиди и овие факти и аргументи. Знаете дека постапките по вакви барања се од доверлив карактер, но јас би барала јавност на постапката со цел пошироката јавност да биде информирана”,
рече Адеми на 12 декември.
Дали медиумите и невладините ќе можат да присуствуваат на оваа седница ќе треба да одлучи Судскиот совет. Актуелниот Закон за Судскиот совет предвидува таква можност.
Имено, во членот 61, во кој е уредено ова прашања, во ставот 2 стои дека: „Постапката е итна и од доверлив карактер, се води без присуство на јавноста и со почитување на угледот и достоинството на судијата или претседателот на судот при што се води сметка за заштита на личните податоци на судијата или претседателот на судот согласно со прописите за заштита на личните податоци“.
Но, во следниот став 3 се наведува дека „по барање на судијата или претседателот на судот, Советот ќе одлучи постапката да биде јавна“.
„По барање на судијата или претседателот на судот, на седницата може да присуствува и претставник од Здружението на судии“,
вели ставот 4 од членот 61 од Законот за Судски совет.

Од Судскиот совет за ТВ Телма го посочиле истиот член и кусо одговориле дека доколку има такво барање, Советот ќе одлучи и ќе бидат споделени информации во јавноста.
Судијката Беса Адеми безмалку три години е на чело на Врховниот суд. Таа има 12-годишен стаж во Судот, а на конкурсот за избор на претседател победи во конкуренција на Лидија Неделкова и Џемали Саити, кои иако беа поекспонирани во јавноста, имаат малку покус стаж во највисокиот суд.
Во октомври годинава ѝ беше домаќинка на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, по што Врховниот суд со соопштение од средбата порача дека судството не смее да биде под притисок на политиката.
Медиумите објавија оти „средбата била по барање на судии кои биле под жесток притисок од владата и барале заштита од политички реваншизам“. Потоа, амбасадорката Агелер во изјава за ТВ Сител кажа дека мешањето на приватни лица или јавни функционери во судските процеси не смее да се толерира.
Лично претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју за порталот „Сакам да кажам“, посочи дека постојат ситуации на мешање на политиката во судството, но нема основа за „оживување“ на аболициите на Иванов.
Прашана како изгледаат притисоците врз судството, таа вели оти секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и за таа цел да се користат дури и лажни вести.
Истражувачкиот портал „Призма“, кој го издава БИРН, минатиот месец објави дека преку идентични текстови што синхронизирано и спонзорирано се објавуваа на два релативно непознати портали – redakcija.mk и desk.mk, се води црна кампања против претседателката на Врховен суд, Беса Адеми. Истражувајќи, БИРН ги доведе сајтовите во врска со функционерот од ДУИ и директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој се смета за близок до првиот вицепремиер Артан Груби.
Паралелно, Судскиот совет закажа работна средба со претседателката Адеми, поради нејзините наводи во медиумите за политички притисоци врз судиите во Врховниот суд. Преку писмо испратено до јавноста, таа одговори дека нема да оди на средбата поради претходно закажан настан и поради тоа што и претходно имало јавни изјави за притисоци врз судии, а Советот не презел ништо.
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, во гостување во емисијата „360 степени”, не демантираше дека има иницијатива за разрешување на Беса Адеми. Рече дека тие постапки се од доверлив карактер.
Во однос на притисоците врз судии, премиерот Димитар Ковачевски кажа дека судиите треба да кажат од кого имаат притисок, како и дека одговорноста има име и презиме.