Според него, под одговорност за сторените дела не се мисли на статистиката за осудени „џепчии“. која служи за замајување на јавноста, туку на бројот и квалитетот на правосилни пресуди од сферата на високата корупција и организираниот криминал
Додаде и дека, за жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции
Веднаш по изборите треба да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво кај нас ‒ политичарите. И за секој за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер треба веднаш да следува не само оставка туку кривична постапка. Ова денеска пред пратениците во Собранието рече претседателот Стево Пендаровски во дел од годишното обраќање велејќи дека тоа треба да е и порака и за следниот парламентарен состав.
Тој во обраќањето внимание даде на неколку актуелни случувања, но посебно внимание осврна на правосудниот систем, нешто што со години наназад се потенцира како слаба алка во функционирањето на државата.
„Со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем. Причина за тоа е спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис заедница со дел од судиите и обвинителите која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција која ја загрозува виталноста на државата. На среден и долг рок, клучен е квалитетот на човечкиот потенцијал, на кандидатите за судии и обвинители. Ниту еден закон не може да ја промени стварноста ако единствен критериум при изборот е негативната селекција базирана на партискиот клиентелизам и врски со олигархијата“,
вели Пендаровски.
Според него, под одговорност за сторените дела не се мисли на статистиката за осудени „џепчии“, која служи за замајување на јавноста, туку на бројот и квалитетот на правосилни пресуди од сферата на високата корупција и организираниот криминал.
„Само на тој начин ќе се потврди дека законите важат за сите, дури и за најмоќните и најбогатите“,
додава претседателот.
Додаде и дека, за жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции.
„Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем, бидејќи корупцијата, во меѓувреме, стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува. При тоа, два аспекта на проблемот дополнително ги потенцираат неговите пропорции. Прво, ако воопшто бидат поведени, процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, со што, се засилува перцепцијата кај граѓаните дека правдата е бавна, но, недостижна. Второ, дури и малобројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретен временски период, при што, речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата, особено по промените на власта на централно или локално ниво. Ваквите вакуум-периоди практично ги поништуваат ефектите од ретките успешно завршени случаи на корупција против носителите на јавни функции“,
заклучи Пендаровски.