„Бидејќи неодамна ги отворивме преговорите, едно е сигурно: ако процесот стане само уште една балканска бескрајна приказна, атрактивноста на ЕУ ќе достигне историски најниско ниво“, рече претседателот Пендаровски повикувајќи ја Унијата во време на сериозна економска и енергетска криза поради војната во Украина да не се одложува европската солидарност кон Западниот Балкан
Ако преговарачкиот процес на земјава стане само уште една балканска бескрајна приказна, атрактивноста на Европската Унија ќе достигне историски најниско ниво.
Ова денеска го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на свечената церемонија по повод почетокот на новата академска година на Колеџот на Европа во кампусот Натолин во Варшава, во рамки на официјалната посета на Република Полска.

Пендаровски оцени дека евроинтеграциите имаат единствен потенцијал да бидат катализатор за длабока трансформација на сите слоеви на нашето општество, но овој процес, според него, треба да биде двонасочен, со цел да биде ефективен. Пристапот на Европската Унија кон интеграцијата на Западниот Балкан, посочи Пендаровски, треба да биде храбар, а не колеблив.
„Бидејќи неодамна ги отворивме преговорите, едно е сигурно: ако процесот стане само уште една балканска бескрајна приказна, атрактивноста на ЕУ ќе достигне историски најниско ниво“,
рече претседателот Пендаровски повикувајќи ја Унијата, во време на сериозна економска и енергетска криза поради војната во Украина да не се одложува европската солидарност кон Западниот Балкан.

Во обраќањето во Колеџот на Европа во кампусот Натолин во Варшава, Пендаровски ја истакна важната улога на Полска како долгогодишен поддржувач на нашите европски интеграции и оцени дека зачестените контакти на највисоко ниво говорат за пријателството и партнерството меѓу двете држави.
Денешната свечена церемонија на Колеџот на Европа во кампусот Натолин се одржа во чест на починатиот претседател на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, за кого претседателот Пендаровски оцени дека беше еден од најголемите поддржувачи на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, истакнувајќи дека самиот факт што неговата прва посета надвор од границите на ЕУ, во службено својство, како претседател на Европскиот Парламент беше во Северна Македонија, доволно зборува за неговите верувања и посветеност.