Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва во Охрид зборуваше за концептот за европската иднина на земјата за кој се залага, наспроти регресивната политика на опозицијата за која рече дека ќе ја однесе земјата во изолација.
Пендаровски потсети на упадот во Собранието на 27 април 2017 година и рече дека тогаш биле нападнати од истите луѓе што сега претендираат да ја водат државата.

„Три века наназад во ниту еден европски парламент не е забележано да се направи насилен упад, да се спречи мирен трансфер на власта на оние кои ја добиле довербата на граѓаните. Тоа е една од главните работи по што оваа гарнитура се разликува од нив, дека откако ќе се изгубат изборите еден ден, да организираме насилници кои ќе тепаат колеги за да спречиме заминување од власта. Тоа е нивна карактеристика, особено што седум години од тој чин не најдоа сила, не беа доблесни да се извинат“,
рече Пендаровски.
Дополни дека кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ сега најавува амнестија за тие луѓе велејќи дека тоа биле луѓе кои го бранеле Уставот и државата и највисоката државна институција, а останатите биле насилници.
Пендаровски рече дека нема основа за малодушност, разочараност или анемичност по резултатите од првиот круг од претседателските избори.
„За првпат имаше седум кандидати за претседател, од кои само јас бев претендент да добијам гласови од сите етнички заедници. Сите останати претендираа да добијат гласови само од нивната етничка заедница. Оние што отпаднаа имаа вкупно околу 330 илјади гласови. Не велам дека по автоматизам ќе дојдат кај мене, но верувам дека огромна бројка од нив е многу блиска и го поддржува концептот за кој се залагам“,
рече тој.
Потсети дека неговиот концепт е за Македонија во која сите се рамноправни, без намерно и вештачки продуцирани делби.
„Само изборот за бројот 1 е рецептот за успех на државата, сѐ друго е рецепт за продолжена агонија, за враќање на режимот кога еден човек, една фамилија, една партија решаваа за судбината за 1,8 милиони луѓе“,
рече Пендаровски.
Претходно Пендаровски имаше средба со граѓаните на Пештани каде, исто така, зборуваше за настаните од 27 април и за амнестијата што ја нуди неговата противкандидатка за оние кои упаднаа во парламентот.