Претседатлеот Стево Пендаровски денеска телефонски разговарал со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, информираа од претседателскиот кабинет.
Пендаровски, посочуваат оттаму, го информирал Столтенберг за состојбите во државата со ковид-19 и за тоа што се презема и се согласиле дека треба со здружени сили да се одговори на предизвиците.
„Соговорниците разговараа за активностите кои НАТО ги презема со цел оваа здравствена криза да не премине во безбедносна, осврнувајќи се притоа на се поприсутните дезинформации и начините за справување со истите. Покрај ова, соговорниците изразија задоволство од фактот дека НАТО дава поддршка на своите земји-членки во логистичка и транспортна поддршка за транспорт на медицинска опрема, која е неопходна кај земјите членки, медицински персонал, како и употреба на иновативни технологии за креирање на медицинска опрема“,
пишува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.
На крајот, велат оттаму, соговорниците договориле засилена комуникација помеѓу надлежните институции во претстојниот период како и размена на информации во делот на справувањето со пандемијата со ковид-19 и организираните кампањи против ширењето лажни вести.