Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, остварил телефонски разговор со сојузниот претседател на Република Австрија, Александер ван дер Белен.
За време на разговорот биле разменети информации за состојбите во двете држави, во контекст на справувањето со последиците од ширењето на ковид-19.
Претседателот Пендаровски го информирал австрискиот претседател за мерките што државните власти ги преземаат во справувањето со пандемијата, вклучувајќи ја и одлуката за повторно прогласување на вонредна состојба во следните 30 дена.
Во разговорот претседателот Ван дер Белен, пак, пренел дел од австриските искуства и мерките што државата ги презема во справувањето со ширењето на ковид-19.
„Поздравувајќи ја помошта што дел од компаниите со доминантен австриски капитал во земјата ја дадоа за справување со последиците на пандемијата, како и досегашната помош на ниво на Европската Унија и демонстрираната солидарност со државата, претседателот Пендаровски во разговорот со австрискиот претседател Ван дер Белен ја истакна потребата за сеопфатна помош од страна на Европската Унија за земјите од регионот, за справување со последиците од ширењето на коовид-19 на здравствен, економски и социјален план“,
се вели во соопштението испратено од кабинетот на Пендаровски.
Претседателот Пендаровски се заблагодарил и за австриската поддршка за аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија и истакнал дека неодамнешната одлука за почеток на пристапните преговори за членство е заслужено признание за напорите на државата во изминатиот период. Воедно, шефот на државата изразил очекување, во овие вонредни околности, Европската Унија да изнајде модалитети за движење на интегративниот процес напред.