„Со ваквата политичка комуникација ВМРО-ДПМНЕ нема да постигне ништо. Граѓаните добро знаат кој е претседателот Пендаровски, кој е постојано транспарентен, отворен и меѓу граѓаните“, се вели од кабинетот на шефот на државата
Доколку се сериозна политичка опција која има понуда за граѓаните, им препорачуваме да се фокусираат на тоа, отколку на малограѓанско политикантство, се вели во реакцијата од кабинетот на шефот на државата Стево Пендаровски на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Коментирајќи ја синоќешната одлука на Извршниот одбор на СДСМ да го поддржи Пендаровски за втор претседателски мандат, од ВМРО-ДПМНЕ утрово рекоа дека станува збор за човек без кредибилитет и интегритет кој го „погазил достоинството на народот и на Македонија“.
Од кабинетот на Пендаровски, пак, велат дека ВМРО-ДПМНЕ во недостиг на суштински идеи и понуда за граѓаните, продолжува да се служи со уличен жаргон и излитени фрази, во обид да го дискредитира претседателот и неговиот кредибилитет.
„Со ваквата политичка комуникација ВМРО-ДПМНЕ нема да постигне ништо. Граѓаните добро знаат кој е претседателот Пендаровски, кој е постојано транспарентен, отворен и меѓу граѓаните“,
се вели во соопштението објавено на официјалната веб-страница на претседателот на државата и на неговиот фејсбук-профил.
Од политичкиот ривал на СДСМ утрово рекоа дека Пендаровски во повеќе наврати си го погазил својот личен збор и интегритет и најавија дека во наредниот период ќе направат реминисценција на ваквите случаи.
Во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ како пример наведоа случај од декември лани, во кој, како што велат од партијата, Пендаровски во изјава за медиумите првин рекол дека нема да се кандидира за претседател, за неколку часа подоцна од неговиот кабинет да дообјаснуваат дека бил погрешно интерпретиран.
Извршниот одбор на СДСМ во проширен состав вчера на седница во Штип одлучи поддршката на претстојните претседателски избори да му ја даде на актуелниот шеф на државата, затоа што сите анализи, разговори и спроведени истражувања покажале дека тој е профилот за иден претседател кој ѝ е потребен на државата.
„Во досегашниот мандат Пендаровски го врати угледот, интегритетот и кредибилитетот на институцијата Претседател на државата и покажа што значи да се биде вистински претседател за сите граѓани. Пендаровски е претставник на сите наши граѓани без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност“,
соопштија вчеравечер од СДСМ.
Инаку, одлуката да го поддржи Пендаровски за кандидат за претседател на државата раководството на СДСМ првично ја донесе на 21 февруари.
Актуелниот шеф на државата сè уште не се изјаснил дека ќе се бори за втор мандат. Изминатиот период повеќемина јавни личности му дадоа поддршка на Пендаровски за втор претседателски мандат.
Доколку прифати, кандидатурата на Пендаровски треба да биде официјализирана на конвенцијата на СДСМ закажана за в недела (3 март).
Еден ден претходно конвенција ќе одржи ВМРО-ДПМНЕ на која официјално ќе го промовира својот кандидат за претседател на државата, универзитетската професорка во пензија и актуелна пратеничка во Собранието, Гордана Силјановска-Давкова.