Претседателот Стево Пендаровски преку онлајн-средба со раководството и дел од вработените на Инфективната клиника во Скопје им изрази благодарност и поддршка на медицинските лица во борбата со ковид-19.
Вработените во Инфективната клиника, како што информираат од неговиот кабинет, разговараа со претседателот за високите ризици што ги носи нивната работа, како и за заштитната опрема, посочувајќи дека засега таа не недостасува.
Пендаровски ги повика здравствените работници да останат посветени на својата задача, посочувајќи дека тие се на првата линија во борба со коронавирусот.
„Вашата мотивираност, посветеност и пред сè професионалност со која секојдневно ги извршувате обврските во оваа здравствена криза предизвикана од вирусот ковид-19, кај мене и верувам кај сите наши граѓани буди чувство на сигурност и смиреност. Ве охрабрувам да продолжите со исто темпо и пожртвуваност да се грижите за пациентите и во што поголем број целосно оздравени да ги испраќате дома кај нивните најблиски. Издржете во оваа битка, сите сме со вас“,
им порача претседателот.
И Пендаровски и медицинскиот персонал апелираа граѓаните да ги почитуваат мерките за превенција од ширењето на коронавирусот бидејќи, како што велат, тој е единствениот начин за надминување на кризата.