За инспекторите што биле надлежни да го контролираат почитувањето на протоколите за заштита од ковид-19 на концертот на Петар Грашо во Битола ќе бидат покренати дисциплински постапки бидејќи рано го напуштиле настанот, по што настанал хаос, вели во изјава за „Слободен печат“ првиот човек на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.
„Нашите инспектори направиле еден записник на почетокот од концертот во 9 часот и 30 минути, им го дале да го потпишат, за да не седат до крај. Кога си заминале инспекторите, тие ги отвориле вратите и влегле многу посетители. Новинари ми пратија фотографии кога сѐ излегло од контрола, па повторно испратив инспектори во 23 часот и 45 минути кои виделе слика која не кореспондирала на првичната. Грешка на инспекторите е што си заминале уште на почетокот и за тоа ќе има дисциплинска постапка за и другите да се научат дека не треба да се верува туку да се седи до крај на настанот. На почетокот било сѐ во ред. Имало мерење на температура, маски, редарска служба, редарот им сугерирал на посетителите да бидат на растојание. Потоа настанал хаосот“,
вели Пуновски.
Од инспекторатот велат дека вториот записник ќе биде основа за покренување на кривична пријава против организаторот.
„Организаторот вели дека почитувал протоколи и дека имал записник од пазарен инспекторат дека сѐ било во ред, но инспекцијата може да влезе во секој момент. Тоа право сме го искористиле, сме влегле подоцна и направен е нов записник кој организаторот не го потпишал. Има и камери од МВР на кои сѐ се гледа“,
вели Пауновски за „Слободен печат“.
Претходно и министерот за здравство Венко Филипче побара надлежните инспекции да го казнат организаторот на концертот.
Од продукцијата „Прагма“, пак, која е организатор на концертот, тврдат дека протоколите не биле прекршени.