Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за неспособност да се справи со здравствената и економската криза и дека поради тоа состојбата ескалира со секојдневно зголемување на бројот на починати и заболени, додека нема масовно тестирање и заштитна опрема за лекарите.
„СДСМ нè враќа 30 години назад во мрачните времиња на криминалната транзиција. Сликите што граѓаните ги паметат, слики на илјадници граѓани оставени без извор на егзистенција повторно се реалност во нашата држава. Бавната и несериозна реакција на власта кога станува збор за помош на македонското стопанство и спас на работните места на граѓаните ќе значи колапс за економијата и висока стапка на невработеност“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачкиот СДСМ одговорија дека во време на сериозна здравствена криза, со која се соочува нашата држава и целиот свет, ВМРО-ДПМНЕ се занимава со партиското профитерство, односно се обидува на грбот на граѓаните и нивното здравје да заработи ситни политички поени и лажни вести.
„Деструктивноста, лажните вести што секојдневно се пласираат од белиот дворец се опасни по здравјето на граѓаните. Лажеа за тестовите за коронавирусот и манипулираа за заштитната опрема на здравствените работници со единствена цел да создадат страв и недоверба кај граѓаните. Во целиот овој период не понудија ниту една идеја, не дадоа ниту еден предлог за тоа како полесно и побрзо да се надмине здравствената и економската криза. Единствено што им текна е да ги земат личните пари на граѓаните од вториот пензиски фонд, исто онака како што правеа додека 11 години беа на власт. Но затоа, од партиските пари не се откажуваат по ниту една цена“,
велат од СДСМ во партиското соопштение како одговор на обвинувањата од опозицијата.