На денешниот партиски конгрес, Села кажа дека партијата се соочува со многу предизвици и обврски и побара од партиските активисти континуирана работа. Тој ја отфрли можноста за влез во владата

Крилото на партијата Алијанса за Албанците под раководство на Зијадин Села денеска официјално се преименува во Албанска лига, а тој едногласно е резибран за лидер.
Села, кој по разидувањето со ДПА ја оформи Алијанса за Албанците, по неколку години функционирање на таа партија, се раздели од поранешниот сопартиец Арбен Таравари и имаа судски спор околу името на партијата.
Под новото име, на денешниот партиски конгрес Села кажа дека партијата се соочува со многу предизвици и обврски и побара од партиските активисти континуирана работа.
Тој исто така додаде дека на политичките тенденции нема да седат со скрстени раце.
„Албанската лига нема да седи со скрстени раце на овие тенденции за напаѓање на нашите права, напротив, ќе одговориме со напад. Бадентер во Уставниот суд, секој закон што ќе се изгласа со Бадентер во парламентот ќе се одлучува и во Уставниот суд. Само во оваа форма ќе имаме гаранција дека законите за кои за жал треба години за да се донесат, нема да ни ги соборат со една одлука во Уставниот суд. Уште поголем напредок на Бадентеровиот принцип во платформата на албанското движење со дводомен парламент. Драги браќа и сестри, нè очекува работа, драги активисти, денеска почнува сè. Денес започнува сoздавањетo ограноци, нивно зајакнување, стабилизација, создавање на сите движечки структури на таков начин што Албанската лига ќе стане силна, ние продолжуваме со нашите обврски, со високо кренати глави и отворени пред Албанците”,
рече Села.
Старо-новиот партиски лидер ја отфрли можноста за влез во владата.
„Вратите на срамот, драги браќа и сестри, никогаш не се затвораат. Тоа е вратата на срамот. Низ таа врата Албанската лига и нејзините пратеници нема да влезат. Албанската лига и нејзиното наследство од Алијансата за Албанците знаат и да излезат од тие врати, како што покажале во минатото“,
кажа Села.

На последните парламентарни избори Села беше дел од коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, но по изборите тој со неговите пратеници одлучи да излезе од таа коалиција. Тогаш кажаа дека партијата ќе дејствува самостојно, а нејзините пратеници како независна група.

