Откако вчера договори соработка со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на СДСМ вели дека парламентарното мнозинство е стабилно и договорената коалиција нема да им наштети на другите партнери што се дел од Владата.
„Парламентарното мнозинство е стабилно, разбирачката помеѓу нас е огромна, шанса ќе добие секој. Нема да дозволиме какво било билатерално договарање да наштети на трета партија од коалицијата. Секој ќе добие шанса и затоа ние како најголем партнер во оваа коалиција сме максимално посветени да го избереме најдобриот квалитет на кандидати и кандидатки за градоначалници и советници“, .
одговори Заев на прашањето дали има некаков ризик со оглед дека се најавуваше и евентуален излез на некоја партија од парламентарното мнозинство.
Заев и денеска не сподели конкретни детали од договорот со Ахмети за тоа каде ќе одат со поддршка на кандидати во прв, а каде во втор круг. Тоа, како што рече, ќе зависи од кандидатите.
„Коалицијата со ДУИ значи заеднички настап на локалните избори која до крај ќе биде утврдена во зависност од самите кандидати. Може да се случи некаде ние да одлучиме уште во прв круг да поддржиме кандидат на ДУИ или ДУИ да одлучи во прв круг да поддржи кандидати на СДСМ и коалицијата Можеме. Некаде ќе одиме со поддршка во вториот круг затоа што ќе имаме и наши и нивни кандидати. Некаде ќе дадеме шанса да одат кандидатите и на помалите партии и не би било својствено уште во прв круг ДУИ да ни даде поддршка на нас или обратно, кога имаме на пример, од Беса, од српските, турските партии или слично. Се со цел да дадеме шанса низ демократски процедури граѓаните да бидат тие кои ќе ги водат конечните коалиција“,
изјави Заев, додавајќи дека станува збор за многу флексибилна коалиција.