Лидерот на СДСМ вели дека поддршка во некои општини ќе има уште во првиот круг, но не сподели информации за кои станува збор.
СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори, објави премиерот и лидер на социјалдемократите, Зоран Заев, откако попладнево имаше средба со Али Ахмети.
Заев на социјалните мрежи го оцени состанокот како одличен и порача дека имаат заедничка цел во предизборната коалиција да им се придружат што е можно повеќе партии од коалицијата што ја имаат на централно ниво.
Лидерот на СДСМ вели дека поддршка во некои општини ќе има уште во првиот круг, но не сподели информации за кои станува збор.
„Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба. Меѓусебната поддршка во некои општини ќе си ја дадеме уште во првиот круг на изборите, а во други општини ќе се поддржиме во вториот круг. Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори“,
вели Заев.
Околу тоа како ќе се постави СДСМ во одредени градови, „360 степени“ веќе пишуваше дека другиот партнер во владината коалиција од албанскиот блок, Движењето Беса се заканува со политичка и со криза во Владата доколку социјалдемократите се решат во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и Чаир уште во првиот круг да застанат зад кандидатите кои ќе ги предложи ДУИ.
Конкретно за Тетово, каде се очекува од Беса да трча лидерот Билал Касами, Заев претходно изјавуваше дека не е исклучена можноста СДСМ да излезе и со свој кандидат.