Зошто, додека Џафери го подготвува дневниот ред за првата јунска седница, на која треба да се најде и Законот за бесправно изградени објекти, Владата отвора јавна расправа за законското решение на кое Пендаровски стави вето? Дали целта е да се донесе нов закон или да се пресретне евентуална амандманска блокада на веќе изгласаното решение?
Иако до 14 јуни Законот за легализација на дивоградби треба да се врати во Собранието во трето читање, по ветото од претседателот Стево Пендаровски, Владата, во меѓувреме, ја презема во свои раце „ревизијата“ на оспореното законско решение, кое, меѓу другото, предвидува индиректна амнестија за дела поврзани со бесправно изградени објекти.
Според информации од парламентот, вратениот Закон ќе се најде повторно пред пратениците на првата наредна собраниска седница, што се планира да почне на 8 јуни, затоа што секој термин потоа би значел пробивање на рокот за повторно разгледување на закон што не е потпишан од шефот на државата. Паралелно, Министерството за транспорт и врски соопшти денеска дека ги почна консултациите со релевантните институции и асоцијации во однос на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти. За таа цел, министерот Благој Бочварски денеска имаше работна средба со Асоцијацијата на архитекти, а учествуваше и на дебатата за овој закон што ја организираше Антикорупциската комисија, и покрај тоа што пратениците сега се единствени што може амандмански да интервенираат во членовите од Законот за бесправно изградени објекти и тоа исклучиво за укажувањата од претседателот Пендаровски.
Бочварски, во изјава за „360 степени”, не исклучува можност, наместо законското решение што Пендаровски го врати во Собранието, Владата да подготви нов закон во кој би биле вклучени забелешките на стручната јавност и на засегнатите страни кои се дел од јавната расправа што е во тек.
“Како Влада, имаме слух за забелешките на јавноста за неодамна донесениот Закон за бесправно изградени објекти. Затоа отворивме широка расправа со цел да се подобри текстот на законот или да подготвиме нов закон. Не сакаме на мускули да влеземе во повторно донесување на закон што е вратен во Собранието, без да бидат земени предвид забелешките и сугестиите на стучната јавност и на другите засегнати субјекти“,
ни изјави Бочварски во врска со јавната дебата што ја отвори Владата, паралелно со собраниската процедура.
На 14 овој месец Пендаровски не го потпиша Законот за бесправно изградени објекти, што Собранието го изгласа со 72 гласа „за“, два „воздржани“ и пет „против. Во мнозинството за донесување на Законот, покрај владејачките СДСМ и ДУИ, учествуваа и пратениците од опозициската ВМРО ДПМНЕ.
Пендаровски го врати Законот, оценувајќи го како неуставен и спротивен на владеењето на правото и правната држава. Во образложението испратено до претседателот на Собранието, Пендаровски наведе дека Законот ги нарушува темелните вредности и поттикнува на непочитување на законите. Според Пендаровски, особено спорен е членот 41, кој предвидува скриена и нетранспарентна амнестија на лица што веќе се гонат кривично за бесправно градење. Пендаровски го оспорува и членот од Законот со кој се предвидува легализација на дивоградби во заштитени подрачја и национални паркови, со образложение дека има прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина.
Според објаснувањата во парламентот, при повторното разгледување на закон што шефот на државата го вратил во Собранието, амандмани за подобрување на текстот на законот може да поднесуваат само пратениците и само за членовите што ги оспорил претседателот, согласно со членот 173 од собранискиот Деловник. Од тој аспект, по претседателското вето, се исцрпени ингеренциите на Владата, која е предлагач на оспореното законско решение за дивоградбите.

Според Уставот, пак, претседателот е обврзан да потпише закон што повторно ќе го изгласа Собранието со најмалку 61 глас, така што во овој случај, веројатно, не е загрозено потребното мнозинство за потврдување на Законот за легализација на дивоградби. Со оглед на тоа што законот беше донесен со „солидни“ 72 гласа и со поддршка од најголемата опозициска партија, пратениците, практично, може да го потврдат идентичното законско решение што спикерот Талат Џафери го испрати кај Пендаровски, а тој му го врати без да го потпише.

Според соговрници на „360 степени“ од парламентот, сепак, потврдувањето на Законот за легализција на дивоградбите не е толку извесно, бидејќи и во овој случај е отворена можноста од амандманска блокада, за што, наводно, веќе имало навестувања од опозициски пратеници, а со оглед на тоа што законот не доби поддршка од Левица и од Алијанса/Алтернатива. Како што се проценува, иако може да се интервенира само во членовите што ги спори Пендаровски, тоа не значи препрека за поднесување повеќе амандмани само за спорните одредби. Тоа, како што се посочува, е една од можните причини поради кои Владата сега отвори јавна расправа за Законот околу кој се крена многу прашина во јавноста.
Во Собранието веќе имаше еден преседан со поднесување мноштво амандмани на закон за кој имаше претседателско вето. Станува збор за Законот за употреба на јазиците, кој и по повторното донесување во Собранието, со повеќе од 61 глас, со месеци потоа стоеше во фиоката на експретседателот Ѓорге Иванов. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ поднесе близу 30 илјади амандмани на Законот што Иванов го врати во Собранието, откако ги оспори речиси сите негови одредби. Џафери, сепак, успеа да го одблокира Законот, отфрлајќи ги амандманите како неуредни, ама не успеа да го убеди Иванов да го потпише законското решение што повторно го изгласаа СДСМ, ДУИ и другите партии од албанскиот блок.
Некои од разликите од тогаш и сега се што актуелните претседател и владејачко мнозинство веќе не се во кохабитација, како што беше ситуацијата во последните две години од мандатот на Иванов, како и тоа што, за разлика од тогашниот случај, овојпат и опозициската ВМРО-ДПМНЕ даде поддршка за Законот за легализација на дивоградби.