Папата Франциск пораките од велигденската миса годинава ги испрати зад затворени врати поради состојбата со коронавирусот, а во своето видео-обраќање повика на единство во борба со пандемијата.
Своите мисли вели ги упатува до болните, починатите и нивните семејства, повикувајќи го светот да го остави оружјето, да ги намали санкциите и да ги отпише долговите кон сиромашните земји за да се спротистават на епидемијата.
„Мора да се обединиме во борбата со пандемијата. Не е време за да бидеме себични, бидејќи со овој предизвик се соочуваме сите“, посочи Франциск.
Папата повика на ублажување на меѓународните санкции и намалување на долговите на земјите во развој, за да им се помогне на сите земји да се справат со последиците од пандемијата на Ковид-19.
Ја посочи и Европската Унија повикувајќи ја да најде начин да им ги олесне долговите на сиромашните земји и „да не ја изгуби можноста да продолжи да покажува солидарност, свртувајќи се кон иновативни решенија“.
„Светот пати, потребно е единство“,
рече папата Франциск.
Папата повика на прекин на сите војни, терористички напади и страдања ширум светот.
Тој ги повика луѓето за време на велигденската миса во празната црква „Свети Петар“ да не се препуштат на стравот и да се фокусираат на пораките за надеж.
Инаку, поради коронавирусот, велигденските служби ширум светот се одржаа во празни цркви и се пренесуваа преку телевизија или интернет.