Тој е револтиран што ваквите лажни реклами се пласираат со години, а никој не реагира за тоа
Не рекламирам ни чај за паразити ни некогаш ќе рекламирам некој лек или лековите средство, реагира на Фејсбук професорот епидемиолог Никола Пановски.
„Драги пријатели, еве и мене ми дојде редот. Се видов со слика и текст. И досега сум реагирал за да ги заштитам моите колеги. Група хохштаплери и криминалци од најдолен вид, со години, преку социјалните мрежи злоупотребуваат угледни доктори, професори, дел постојат, дел се измислени. Неовластено користат нивни фотографии, нивното име и титула, постираат нешто што тие не го кажале, па потоа продолжуваат со измислени пациенти, како тоа средство им помогнало итн. На крајот, производот го продаваат онлајн, за висока цена. Неовластено се богатат злоупотребувајќи го нашиот углед стекнат со децении. Јавно лажат!!!“,
напиша Пановски.
Тој е револтиран што ваквите лажни реклами се пласираат со години, а никој не реагира.
„Ова трае со години, на очиглед на десетина институции кои ние ги плаќаме да не заштитат: пациентите од лажни и непроверени производи, нас како стручни лица, злоупотребени на најдрзок начин. Ги прашувам зошто постојат, арам да ви е платата што ја примате: Агенција за аудиовизуелни медиуми, Агенција за заштита на лични податоци, Агенција за заштита од дискриминација, Антикорупциска комисија, УЈП, МАЛМЕД, Министерство за здравство, Обвинителство, Народен правобранител, МВР. Господине Оливер Спасовски, под итно уапсете ги овие криминалци, што е проблемот? Прекршуваат јавно, секој ден, десетици закони, се ви е на тацна, спасете си го угледот ваш и на Владата, заштите не нас и пациентите!!!“,
напиша Пановски.
На Фејсбук циркулираат реклами со лекови за најразлични проблеми на кои се појавуваат ликови на познати лекари. Многу од корисниците на оваа социјална мрежа можат да забележат дека кружат реклами и за лек за некаква габична инфекција кои се придружени со фотографии од поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.