Водата во Гостивар, град со 30-40 илјади луѓе, најмалку еднаш дневно се испитува, без да каже Обвинителството, вели професорот на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен директор на Институтот за микробиологија и паразитологија д-р Никола Пановски
Небулозни се изговорите на власта која не ги споделува јавно наодите од анализата на водата од градскиот водовод во Гостивар, за да не ја наруши истрагата, оценува микробиологот Никола Пановски.
Тој во изјава за ТВ Телма вели дека за резултатите од анализите веднаш мора да бидат известени лекарите во Гостивар кои се грижат за пациентите, за да знаат со што се соочуваат и од што да ги лекуваат.
Според него, истрагата не може да биде поважна од здравјето на пациентите и изговор за да не се соопштат резултатите.
„Ваква работа не сум чул ниту во светот, иако многу глупости сме слушнале, особено за време на ковидот и од страна на највисоките здравствени власти, но, ваква небулоза не сум чул. Како прво, што ако Обвинителството не побараше лабораториски резултати? Што правеа службите, што прави Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје? Значи, водата во Гостивар, град со 30-40 илјади луѓе, најмалку еднаш дневно се испитува, без да каже Обвинителството“,
вели Пановски за Телма.
Дополнително, тој на Фејбсук сподели пример и вели дека секоја сличност со Гостивар е намерна.
„Пациент се лекува во болница со симптоми на труење. Обвинителството се сомнева во намерно труење или труење заради небрежност, па нарачува лабораториски тестови. Болницата, спротивно на протокол не направила такви тестови. По 4 дена резултатите се готови и со нив располага обвинителството, забранува истите да се објават во интерес на истрагата. Причината за труење е позната но само за обвинителатвото. Лекарот не ја знае. Додека трае истрагата пациентот починува. По завршување на истрагата јасно е дека постоел лек кој би го спасил пациентот, но во интерес на истрагата, отишол како колатерална штета. ПС. Секоја сличност со Гостивар е намерна. ПС. По завршување на истрагата, семејството на пациентот ќе го тужи обвинителството за убиство, а здравствените власти за не пружање на помош“,
укажува Пановски.
Претходно денеска на прес-конференција министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со директорката на Институтот за јавно здравје кажа дека чекаат согласност од Јавното обвинителство за да ги соопштат резултатите за водата во Гостивар што доведе до масовно труење на населението и прогласување епидемија.
Инаку, досега околу 3 100 лица пројавиле симптоми на труење во Гостивар. Во моментов хоспитализирани се четворица – тројца возрасни и едно дете.
