Во своето обраќање на видеоконференцијата во Солун, високиот американски претставник нагласи дека во регионот се добива впечаток оти ЕУ губи интерес за перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата и затоа е потребно да се изградат врски на доверба
Специјалниот американски претставник за Западен Балкан, заменик – помошникот државен секретар, Метју Палмер вели дека доследна американска визија за Западен Балкан е онаа според која овој регион е посветен на евроинтеграциите и во мир со сите соседи.
„Се надевам дека тоа не е само визија која ја имаат САД и ЕУ за овој регион, туку е визија и која Западен Балкан ја има сам за себе“,
истакна денеска Палмер на видео конференцијата „Балкан 2021: Поттикнување на регионалната соработка во постковид ерата“ во Солун.
Тој додаде дека САД остануваат посветени на целта за зачленување на Западен Балкан во ЕУ, како и постигнување меѓусебно длабоко економско партнерство меѓу земјите од овој регион.
Палмер ја поддржа улогата на Грција во регионот на Западен Балкан, посебно поради нејзиниот однос со Северна Македонија, како и поради продлабочувањето на односите со Косово.
Тој, исто така, повтори, дека американскиот претседател Џо Бајден потпишал санкции во врска со регионот на Западен Балкан, чија цел е борба против корупцијата и настојувањето да се зајакне владеењето на правото.
Во своето обраќање на конференцијата, тој нагласи дека во регионот се добива впечаток оти ЕУ губи интерес за перспективата за членство на Западен Балкан во Унијата и затоа е потребно да се изградат врски на доверба.
„Потребно е ЕУ итно да го врати својот кредибилитет и во следниот период да ја покаже својата сериозност во врска со Западен Балкан“,
заклучи Палмер.