Глобалната референтна сурова нафта „брент“ поевтини за речиси еден отсто достигнувајќи цена од околу 98,5 долари за барел, додека нафтата што се тргуваше во САД падна за 1,2 отсто на 93,6 долари за барел
Иако оптимизмот за можно смирување на конфликтот влијае врз пазарите, експертите предупредуваат дека секое ново влошување на ситуацијата би можело повторно да предизвика нагли ценовни шокови
Цените на нафтата забележаа пад од утрово на азиските пазари по објавата дека постигнат десетдневен прекин на огнот помеѓу Израел и Либан, но и најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека војната со Иран би можела наскоро да заврши бидејќи Техеран се согласил да се откаже од збогатување ураниум, што претставува клучен чекор кон евентуален договор и деескалација на конфликтот.
Овие изјави ги зголемија очекувањата на инвеститорите за стабилизирање на ситуацијата на Блискиот Исток.

Глобалната референтна сурова нафта „брент“ поевтини за речиси еден отсто и достигна цена од околу 98,5 долари за барел, додека нафтата што се тргуваше во САД падна за 1,2 отсто на 93,6 долари за барел.
Најшироките берзански индекси на азиско-пацифичкиот регион, надвор од Јапонија, паднаа за 0,8 отсто бидејќи инвеститорите се уверени во профит по силниот раст овој месец. Индексот се зголеми за 14, 5 отсто во април, по пад од 13,5 отсто во март.
Јапонскиот Никеи падна за околу еден отсто откако вчера достигна рекордно високо ниво, а речиси сите берзи се тргуваат на нивоата од пред војната.
И покрај падот на цените, состојбата останува неизвесна поради клучната улога на Ормускиот Теснец, низ кој поминува околу една петтина од светската нафта и гас. Тој останува значително ограничен за пловидба, што продолжува да создава ризици за глобалното снабдување.
Дополнително, Иран во голема мера го затвори теснецот за странски бродови, додека САД воведоа блокада на бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа.
Аналитичарите предупредуваат дека овие мерки би можеле да спречат извоз на околу два милиони барели иранска нафта дневно, најмногу кон Кина.
Иако оптимизмот за можно смирување на конфликтот влијае врз пазарите, експертите предупредуваат дека секое ново влошување на ситуацијата би можело повторно да предизвика нагли ценовни шокови.
Според нив, цената на нафтата во наредниот период би можела да се движи во два спротивни правци или да достигне нови максимуми или да се врати на нивото пред почетокот на конфликтот, во зависност од развојот на разговорите меѓу САД и Иран.
Со својата последна изјава, како што пренесува Би-би-си, американскиот претседател Доналд Трамп изрази силен оптимизам дека Соединетите Американски Држави (САД) и Иран се на чекор до постигнување договор и нагласи дека Техеран веќе се согласил да го предаде збогатениот ураниум, една од главните пречки во досегашните преговори.
Според Трамп, новата рунда разговори би можела да се случи веќе овој викенд и додаде дека Вашингтон и Техеран се многу блиску до финализирање на договорот.
Претходно тој објави дека е постигнат десетдневен прекин на огнот помеѓу Израел и Либан, како чекор кон постигнување траен мир.
Ова доаѓа откако претставниците на Израел и Либан пред неколку дена се сретнаа во Вашингтон, што беше нивна прва официјална средба по 34 години.
Домаќин на состанокот беше американскиот државен секретар Марко Рубио.
