Наместо оставката да ја поднесе лично, како што е вообичаено, Бабиш утринава поднесе оставка испраќајќи писмо до претседателот на Чешката Република, Милош Земан, кој од 10 октомври е во болница поради хронично оштетување на црниот дроб и своите должности може да ги извршува само делумно
Владата на чешкиот премиер Андреј Бабиш, согласно исходот од парламентарните избори, денеска си поднесе оставка. Сепак, тој ќе остане на функцијата додека новоформираната коалиција, која е составена од конзервативците, демохристијаните, либералите, Пиратската партија и СТАН, не формира влада.
Наместо оставката да ја поднесе лично, како што е вообичаено, премиерот Бабиш утринава поднесе оставка испраќајќи писмо до претседателот на Чешката Република, Милош Земан, кој од 10 октомври е во болница поради хронично оштетување на црниот дроб и своите должности може да ги извршува само делумно.
„Го одржав ветувањето дека ќе бидеме рекордери во брзината на поднесувањето оставка на владата. Бевме поразени на избори и одиме во опозиција“,
рече Бабиш.
Кога Земан ќе ја прифати оставката, тој треба да ја задолжи владата во заминување да ги извршува своите должности до именување на новата влада, што се очекува да се случи во наредните недели.
Бабиш и неговите сојузници ги загубија изборите што се одржаа на 8 и 9 октомври од два блока опозициски партии кои веќе се согласија да ја формираат следната влада, со Петар Фијала, лидерот на најсилната партија во петчлената коалиција, како потенцијален премиер.