Според него, одложувањето на законските измени е резултат на притисокот и реакциите на СДСМ, кој претходно поднесе иницијатива до Уставниот суд
Ова, како што додаде, покажува дека власта не може да ги спроведе измените без отпор и правни пречки
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, оцени дека одлуката за одложување на примената на новиот Закон за внатрешни работи и измените во Законот за полиција претставува победа за професионалната и чесна полиција, како и за граѓаните на државата.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Филипче порача дека со ова се спречува партизација на Министерството за внатрешни работи (МВР) и политичка контрола врз полицијата.

Според него, одложувањето на законските измени е резултат на притисокот и реакциите на СДСМ, кој претходно поднесе иницијатива до Уставниот суд.
„Полицијата не смее да служи на криминалната група ВМРО, на шефот на мафијата Мицкоски и да служи за заштита на криминалот и корупцијата. Ова е победа на СДСМ за сите граѓани на Македонија и за професионалците во полицијата, победа на стручноста и професионализмот над партизацијата и политичката контрола врз полицијата. Ние поднесовме иницијатива до Уставниот суд со што ја блокираме партизацијата на МВР“,
вели тој.
Победа на СДСМ за професионалната и чесна полиција – Мицкоски и Тошковски најавуваат одложување на скандалозната партизацијата на МВР.
— Venko Filipce (@VFilipche) May 7, 2026
Полицијата не смее да служи на криминалната група ВМРО, на шефот на мафијата Мицкоски и да служи за заштита на криминалот и корупцијата.
Ова е… pic.twitter.com/WYvKiZC7ar
Посочи и дека одлуката за одложување покажува дека власта не може да ги спроведе измените без отпор и правни пречки.
„Со оваа одлука за одложување, Мицкоски и Тошковски всушност признаваат дека не можат да го протнат законот без да предизвикаат огромен отпор и без да имаат правна основа“,
кажа лидерот на СДСМ.
Упати благодарност до, како што ги нарече, професионалните полициски службеници и нагласи дека тие ја заслужуваат поддршката на граѓаните.
„Ова е ваша победа. Ова е потврда дека граѓаните и институциите не дозволуваат МВР да се претвори во партиска полиција на ВМРО-ОКГ. СДСМ е во служба на граѓаните на Македонија, а граѓаните и професионалната полиција не дозволуваат партизација на безбедносните институции“,
вели Филипче.
СДСМ, како што додаде, ќе продолжи да се залага за враќање на власта во рацете на народот и за заштита на институциите од политичко влијание.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во емисија на ТВ Алфа најави дека ќе предложи до Собранието одложување на примената на новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција, со цел да стапат во сила по завршување на следниот парламентарен изборен процес.
Ваквиот предлог, како што рече, следува по критиките од опозицискиот СДСМ, кој тврди дека со новите законски решенија се врши партизација на полицијата и дека тие се противуставни.
Посочи дека обвинувањата се политички мотивирани и дека опозицијата се обидува однапред да создаде алиби за евентуален изборен пораз.
Со оглед на тоа што редовните парламентарни избори би се одржале за околу две години, посочи и дека законите би требало да стапат во сила по истекот на тој период, односно по завршување на изборите. Целта е изборниот процес, како што рече, да се одвива според истите правила кои важеле и досега, без можност опозицијата да тврди дека законските измени влијаеле врз условите за избори.
Опозицискиот СДСМ на почетокот на април поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за внатрешни работи, чии измени во јануари годинава беа усвоени од Собранието по скратена постапка.
Партијата обвини дека со законските измени власта планира партизација во Министерството за внатрешни работи и побара итно поништување на спорните одредби и стопирање на сите, како што велат од СДСМ, незаконски прераспоредувања и постапки на ресорниот министер Панче Тошковски кои се донесени врз основа на овој закон.
